Референдумот материјално-правно е успешен, одиме понатаму

Ако нашите ДПМНЕ-овци навистина сакаат Републикава да стане членка на ЕУ и НАТО, ќе ги подржат уставните промени. Ако пак целта им е да им ги спасат задниците и грбовите на арамиите од нивните редови од неудобното седење и лежење во Идризовската и другите зандани во Републикава, нема тоа да го сторат.

6118

Според член 8 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, референдум се распишува заради одлучување или за консултирање на граѓаните. Одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.
Според член 30 од Законот, одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено.

На референдумот, во неделата, според официјалното соопштение на ДИК, гласале 666.743 граѓани или 36,91 од вкупно запишаните 1.806.336 во Избирачкиот список. Значи гласале помалку од половината од запишаните во Избирачкиот список. Имајќи го во вид овој факт, референдумот од формално правна гледна точка не е успешен. Гласеле помалку од половината, па одлуката не може да се смета за усвоена. ОК.
Ајде да ја погледаме сега материјално-правната страна.

Од оние 666.743 што гласале, 609.813 или 91,46 проценти гласале за. Импозантна бројка, зар не, драги пријатели и познаници. Поимпозантна немало ни на едно друго гласање, освен на она при претседателските избори во 1994 година, кога за почитуваниот претседател Киро Григоров гласаа 715.087 граѓани.
Против на референдумот гласаа 37.700 граѓани или 5,65 отсто. Секоја чест. Луѓето излегоа и си го дадоа својот глас против. Тој нивни глас од материјално – правна гледна точка е правно релевантен.

ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициона партија, со најбројно членство и најголем број симпатизери – опозиционери, се изјасни, преку раководството и преку пратениците во Собранието, дека нема да го бојкотира референдумот. Секогаш се изјаснуваше дека е за договор со Република Грција и дека е за членство Републикава во ЕУ и НАТО. Значи ВМРО-овците сакаат договор, но не го сакаат овој што го заклучи СДСМ, чие усвојување е услов за членство на Републикава во ЕУ и НАТО. Како и да е, барем ex oficio, од интерес им е зачленувањето во ЕУ И НАТО.

Со распишувањето на референдумот им беше понудено да се изјаснат дали се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Република Грција или се против. Најголемиот број од нивното членство и симпатизери не излегоа да си го кажат својот глас. Молчеа.

Сега ќе го повикаме на помош стариот и добар римски правник Улпијан да ни го каже неговото правило за вакви случаи. Еве што кажува тој: Qui tacet consentire videtur, ubi tractatur eius commodo. Преведено на македонски тоа значи: Оној што молчи, се смета дека се согласува, ако се во прашање неговите интереси. Интерес на мнозинството граѓани на Републикава е зачленување во ЕУ и НАТО. Значи мнозинството граѓани сакаат еден ден Републикава да влезе во ЕУ и НАТО и, сакајќи, го подржуваат договорот со Република Грција. Од нив едно импозантно мнозинство излегоа на референдум и гласаа за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Другите, оние кои што не излегоа, преќутно им ставија до знаење дека немаат ништо против тоа. Ако беа против, ќе излезеа на референдум и ќе го заокружеа зборот „против.“ Јасно да не може да биде појасно.

„Патриотите“ тврдат дека сите оние што не излегле на гласање го бојкотирале референдумот. Мало морген. Многу стари и изнемоштени лица сместени во домовите за стари изнемоштени, не излегоа на гласање поради немоќ. Мој роднина и повеќе илјади како него, не излегоа на гласање поради болест. Мој добар пријател не излезе на гласање поради тоа што во неделата, од седум утрото до 18 часот вечерта, бил на работа. Кутриот, ручал и ја навалил главата да дремне некоја минута. Се пробудил и по дремнувањето и отрчал на гласачкото место. Но, за жал, задоцнил две минути. Му рекле дека гласањето е завршено. Прашање е уште колку такви наши роднини и пријатели не отишле на гласање поради зафатеност со работа, умор, болест, старечка немоќ и т.н. Сигурно ги има многу.

Од друга страна, многу граѓани лежерно си ја сфатија обврската да излезат на гласање. Заклучувам по тоа што истиот ден, пазарувајќи на скопско Зелено Пазарче го слушав од пазарџиите. Некои од нив на прашањето од пријателите и познаниците да ли ќе излезат на референдум одговараа: „Што ќе излегувам, и без мене ќе се одлучи“ или „и без мене се е одлучено однапред.“ Нема дилема дека некои како оние, членовите на партиичките на колегите Бачев и Грчева, па и оние „националлевичарите“ –десничари и нивните малкубројни подржувачи, бојкотираа.

Да го кажам и ова. На избирачкиот список се запишани 1.806.336. Многу е драги пријатели. Многу. Македонија има околу 2 милиони и неколку десетици илјади граѓани. Од нив, барем една петтина се малолетници и деловно неспособни лица кои немаат право на глас. Тоа е бројка од околу 400 и нешто илјади. Значи, бројот на граѓани со избирачко право изнесува, во најдобар случај, негде околу 1.600.000. Но нејсе. Бројката од 1.806.336. е официјална и мора да ја почитуваме.

Нема врска. На референдумот излегоа многу гласачи, но тие се помалку од половина запишани во избирачкиот список, па одлуката за подршка на договорот со Република Грција формално правно не е донесена и покрај големиот број граѓани кои гласаа за.
Да се вратиме на Законот. Тој во член 8, став 3 вели дека одлуката на консултативен референдум не е задолжителна. Бидејќи не е задолжителна, дури и резултатот да беше обратен, оние 37 илјади и кусур да беа за, а оние, за наши, македонски услови, импозантен број од 600 и кусур илјади против, активностите околу имплементацијата на договорот со Република Грција во правниот систем на Републикава Македонија заради нејзина зачленување во ЕУ и НАТО, од формално-правна гледна точка ќе можат да продолжат, а од материјално правна гледна точка, се разбира не ќе можат, затоа што власта е сервис на граѓаните и треба да ја почитува нивната волја. Но ситуацијата е обратна. Имаме огромна, или импозантна бројка граѓани која, фактички со, гласање го подржува договорот и една исто така огромна бројка која преќутно го подржува затоа што не се изјасни за спротивното. Значи гледано од материјално правна гледна точка имаме успешен референдум. Тој, се разбира ќе беше уште поуспешен ако излезеа и гласаа повеќе од половината избирачи запишани во избирачкиот список. Тогаш работата ќе беше чиста, како од формално правна, така и од материјално правна гледна точка.

Ајде сега да видима што се случува на теренот. Референдумот, каков таков, помина. Бројот на граѓани кои гласаа за договорот е импозантен. Бројот на граѓани кои се за членство на Републикава во ЕУ и НАТО, а не излегле на референдум од разни причини е уште поголем. На раководството, членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ им се пружа шанса да покажат и докажат дека навистина се за членство на Републикава во ЕУ и НАТО. Генсекот на НАТО Столтенберг вели дека ако бидеме умни можеме да бидеме примени во Алијансата и пред време, во јануари наредната година. Дошло време да се види „ко је вјера, а ко невјера.“

Ако нашите ДПМНЕ-овци навистина сакаат Републикава да стане членка на ЕУ и НАТО, ќе ги подржат уставните промени. Ако пак целта им е да им ги спасат задниците и грбовите на арамиите од нивните редови од неудобното седење и лежење во Идризовската и другите зандани во Републикава, нема тоа да го сторат. Да се биде или да не се биде,прашање е сега за нашите ДПМНЕ-овци. Како и да одлучат Македонија ќе оди напред, кон ЕУ и НАТО. Обединувањето на Европа и светот или популарно наречената глобализација е природен процес. На природата никој не може да и се спротивстави.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...