Меѓу оние кои во дебатата во медиумите и на социјалните мрежи се противат на Договорот со Грција и заговараат бојкотирање на претстојниот референдум, многумина се обидуваат да прикажат песимистичко сценарио – дека ЕУ, поради низа спротивности и внатрешни антагонизми, е на пат да се распадне. Таквите тврдења, најчесто мошне невешто и неиздржано аргументирани, се во функција на создавање перцепција во пошироката јавност дека заложбите за интеграција во ЕУ ги заматуваат развојните перспективи на Македонија, бидејќи и покрај сите направени отстапки Брисел постојано поставува нови услови што го блокираат европскиот пат на земјата.
Факт е дека иднината на ЕУ, односно формите на натамошната европска соработка, тешко дека некој би можел јасно да ја предвиди, дури и во една краткорочна временска перспектива. Тоа секако не може да го предвиди ни германската канцеларка Меркел, која постојано зборува за принципите и условите што треба да се исполнат и запазат заради натамошно јакнење и продлабочување на соработката во рамки на ЕУ. Меркел и при посетата во Скопје зборуваше за предуслови, нагласувајќи дека за отворањето на портите за Македонија за влез во ЕУ и во НАТО е потребно уште многу работа, при што успешен референдум е предуслов во таа насока, а поради што некои веднаш побрзаа да ја оспорат смислата и оправданоста на одлуката за одржување на плебисцитарното изјаснување, бидејќи Македонија, онака како што тоа се толкува во прилог на негативна референдумска кампања, не добила никакви гаранции за членство.
Но условите поврзани со натамошното функционирање на европската соработка, вклучувајќи го секако и продолжувањето на процесот на проширување со нови членки, произлегуваат директно од судирот на спротивставените политички концепти, односно од заострувањето на она што се нарекува „идеолошка граѓанска војна“ во Европа. Силниот пораст и јакнење на соработката на десничарските популисти во голем број ЕУ-членки, се наметнува како сериозна закана и оди на линија на потенцирање на улогата и значењето на националните држави наспроти неолибералниот европски пројект.
Токму затоа станува исклучително важно какви ставови и гледишта се шират меѓу гласачите во Европа. Според најновиот пример, поврзан со исходот на изборите во Шведска, значењето на очекуваниот триумф на екстремно десничарската парламентарна партија Шведски демократи, сепак има ограничен ефект. Наместо бројните прогнози дека ќе освојат дури и околу 30 проценти од гласовите, и дека со тоа ќе станат најголема партија во Парламентот, анти-имигрантски настроените Шведски демократи ја завршија изборната трка на третото место, со нешто помлаку од 18 проценти. Иако со тоа забележија и најголем пораст меѓу шведските партии, пет проценти повеќе освоени гласови во споредба со претходните парламентарни избори од пред четири години, Шведските демократи сепак не успеваат да ги сокријат своите фрустрации дека повторно не добија можност пресудно да влијаат врз составувањето на новата шведска Влада.
Тоа во секој случај не ја спречи екстремната десница во ЕУ да го изрази своето задоволство поради успехот на нејзините скандинавски идеолошки пријатели, веднаш по соопштувањето на изборните резултати во Шведска. „Уште една лоша ноќ за ЕУ“, напиша на Твитер, Мари Ле Пен, лидер на францускиот Национален фронт.
Во предизборната кампања Шведските демократи силно истапија со барање дека Шведска би требало да ја напушти ЕУ, а што го натера лидерот на либералите, Јан Бјорклунд, да укаже на „опасниот пат“ што го заговараат екстремните десничари и да го изедначи значењето на штотуку одржаните шведски парламентарни избори со значењето што би го имал еден референдум за членство во ЕУ.
Со изолација и повлекување чекор назад, зад националните граници, тешко може да се одговри на големите предизвици, со кои сите се соочуваат и за кои е неопходно јакнење соработка во ЕУ – пред сè кога станува збор за економијата, мигрантската политика, климатските промени, борбата против организираниот криминал.
Токму затоа има значење како избирачите во Европа гласаат, а со што и директно влијаат на натамошниот развој на европските интеграции. И тоа во моментот кога десничарско популистичките партии во голем број ЕУ-членки значајно го зголемуваат своето влијание врз актуелната политичка агенда, тврдејќи дека е во тек исцртување на контурите на новата европска стварност.
Исходот на шведските парламентарни избори барем за миг ги засилува политички коректните, а не мрачните сили во Европа. Но веќе напролет идната година ќе се одржат мошне важните избори за Европскиот парламент, во чиј пресрет екстремно десничарските и популистички партии ги засилуваат своите позиции како никогаш порано. Острицата на нивниот напад, во „идеолошката граѓанска војна“ чии димензии се зголемуваат, е насочена кон Брисел и либералната демократија. Пред сè кон начинот на кој моментно функционира европскиот пројект, осносно самата ЕУ.
„Оние кои се повлекоа во својот национален оклоп, не можат да ги надминат предизвиците затоа што им недостасува визија“, смета претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Всушност, будењето по онаа „уште една лоша ноќ“, со која Мари Ле Пен го окарактеризира расположението во Брисел по избрите во Шведска, можеби повторно ќе внесе извесна доза на позитивна енергија во машинеријата на европската соработка.
Далеку полошо, се разбира, ќе биде доколку ЕУ-изборите идната година завршат со резултат што на Ле Пен и нејзините истомисленици ќе им даде добар повод да ги окарактеризират не само како уште една лоша ноќ – туку како вистински тежок кошмар за проевропските сили.