Репринт – Сегашноста е многу минато и малку иднина

Репринтот на овој текст не е никаков еготрип, односно суетно докажување кој бил во право а кој во криво пред деценија и половина. Ова е обид, всушност, да се провери дали има значајни отклонувања од тезата што ја поставив тогаш кога земјите во регионот беа безнадежно отклонети од магистралите што водат кон Европа – тезата дека Балканците ќе мора сами да ја отворат својата евроатланска перспектива, но не како „проект“ изнедрен во европските „општествени лаборатории“, туку идентификувајќи се со позитивниот аспект на сопствената духовна и историска традиција.

1012

Балканот на Балканците!
Ништо подобро од таа еретичка максима, што на прв поглед делува старомодно и антиевропски, не ја покажува вистинската насока во која треба да се бара среќната иднина на овој немирен регион. Не постои начин предолго удобно да се гази во туѓи обувки. Не постои начин да се биде некој друг така што постојано ќе се глуми. Едноставно, Балканот денес нема реална потреба да биде некој друг – Балканците мора да се обидат да се идентификуваат со позитивниот аспект на сопствената духовна и историска традиција и потоа самите креативно да побараат решенија за своите проблеми.
Можно ли е тоа?

Духовната премоќ и трагичната практика

Одговорот на тоа прашање сигурно ќе го даде животот. Имено, работите веројатно ќе мора принудно така да се случат – Балканците самите да ја отворат својата евроатлантска перспектива. Соодветно на тоа, нациите во овој дел од светот ќе бидат принудени својата иднина да ја побараат кај себе и кај своите соседи. Според моето мислење, тој тренд може и мора да се сфати како предизвик, шанса и предност. Тргнувам од фактот дека Балканците имаат што да бараат во себе и од себе: овој простор (Балканот и пошироко) е простор каде што е родена европската и светската цивилизација; универзумот на овој простор подоцна ќе му додели уште една грандиозна задача, соодветна на неговата духовна сила – задачата да биде мост меѓу западната и источната цивилизација; неприродно и неправедно е овој простор да стане гробница на тие темелни вредности на човештвото.

Се разбира, овој аргумент ќе остане само патетична тирада ако Балканците не успеат својата духовна премоќ да ја спротивстават на трагичната практика исполнета всушност со немоќ, недоразбирања, конфликти и крвави војни. Може ли балканското искуство да биде основа врз која ќе се гради меѓусебно разбирање, соработка и блискост? Има ли Балканот таков потенцијал?

Голема лага на Европејците е дека Балканот е „буре барут“ односно извор на сите зла за континентот. Точно е само тоа дека овој географски простор има една навистина уникатна мултиетничка и мултиконфесионална димензија. Но, историјата познава две големи, моќни и успешни империи што суштествувале релативно долго токму на овој простор, веројатно не само поради својата технолошка и војничка моќ, туку и поради прилагодувањето кон „мултиетничноста“ на „теренот“. Ако за Александровата империја имаме само „поетични“ сведоштва за тоа, повеќевековната историја на Византија е полна со респектибилни искуства.

Ако одиме посмело со оваа теза, ќе утврдиме елементи на тоа богато искуство и во владеењето на Османлиската империја на Балканот, со исклучок на почетниот период на конфесионална нетрпеливост. Најпосле, само кусо потсетување на креирањето на версајска Југославија и потоа на југословенската социјалистичка „империја“, како неспорно успешен случај на меѓуетничка кохабитација цели пет децении. Насилниот распад на таа заедница не го менува нашиот заклучок, бидејќи тој процес не само што коинцидира ами е и директно поттикнат од распадот на социјализмот и од предизвиците на периодот на транзиција, карактеристични за сите посткомунистички земји.

Да ја вратиме самопочитта

Да заклучам: многу решенија за наталожените проблеми во земјите во овој регион во последните неколку децении мир се тестирани (најчесто успешно!) токму како резултат на сопственото креативно искуство, на едно позитивно духовно наследство, а не како последица на европските иницијативи – Европа во тие децении е длабоко поделена со челичната завеса и оптоварена со сопствените проблеми. Еве само еден пример од нашето, македонско искуство: Охридскиот мировен договор, со кој сега толку се гордееме, не е многу повеќе од уставно-правната практика во периодот од 1974 година, кога е донесен последниот либерален југословенски устав, до 1980 година, кога е суспендиран тој поредок.

Ако се случи, значи, европската иднина на Балканците да зависи од нивниот индивидуален напредок во демократизирањето (европеизирањето) на балканските земји, треба да бидеме оптимисти.

При тоа ќе биде најважно да ја совладаме нашата најголема маана: немањето самопочит. Губењето на самопочитта е една од „колатералните штети“ на комунизмот. За жал, примери за тоа забележуваме на секој чекор. Балканските политичари се натпреваруваат меѓу себе во тоа кој подобро ќе го оцрни противникот и соседот. Во нашите земји создадовме цели социјални заедници кои живеат од „проекти“ изнедрени во европските „општествени лаборатории“. Се гордееме со тоа што ја потценуваме сопствената интелигенција и сопствениот ум. Се „реформираме“ менувајќи го образованието со дрил, жртвувајќи ги животворните и богати идеи за стерилни обрасци и мапи.

А токму Балканот е европски простор со извонредно богати човечки ресурси. Не е тоа случајно, се разбира, бидејќи и тоа е последица на нашата богата историја и духовна традиција. Тука треба да се бара одговорот за тоа каде е нашата иднина и што е нашата сегашност. Зашто, како што рекол мудрецот, сегашноста е многу минато и малку иднина.

(Текстот е објавен на 25 јуни 2003 година. Поради просторот, репринтот е со мали скратувања.)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...