На 26 Септември министерот Манчевски изјави дека до крајот на годината мора да се заврши со реорганизација на јавната администрација. Реорганизацијата е информирана од функционална анализа, а ќе резултирала некаде со намалување на администрацијата, а некаде со зголемување. Најконтраверзното во изјавата беше дека оние кои ќе бидат непотребни од јавната администрација ќе бидат нудени во приватниот сектор, каде според него, тие би биле повеќе мотивирани за работа.
Како специјалист за јавна администрација и европски студии редовно следам секоја реформа во јавен сектор и го анализирам основано на податоци, но и применувајќи преглед на најдобрите практики во управување со јавен сектор. Член сум на Европската група за јавна администрација и редовно придонесувам и со академски трудови во областа. На прв поглед оваа реформа изгледа легитимно, свесни сме дека имаме преголем број на административци, недостасува ефективност, професионалност и ефикасност во јавен сектор. Најголемиот проблем останува политизацијата. Значи од сите овие проблеми, предложената реорганизација може да делува на решение на првиот – превработеност- под претпоставка дека ќе се прераспределат тие кои се непотребни некаде таму каде што се потребни (таков обид имаше со вработените во Секретаријатот за рамковен договор, но Владата не информираше со каков успех го спроведе) и нема да се вработат повеќе нови за да „реорганизацијата” не доведе до повторно ново зголемување на бројот на административци. Но Министерот не појасни дали е тоа целта – намалување на администрацијата. Напротив акцентот го стави на ослободување од непотребните кадри и т.н. оптимизација.
Првиот проблем е во врамувањето на реорганизацијата како дел од реформите поврзани со капацитетот на државата за членство во Европската Унија. Имено непотребните кадри се утврдени со функционалната анализа која пак се прави на основа на постоечката легислатива. Односно се оценува дали организацијата и вработените се во согласност со правната рамка во секторот и функциите кои истата ги утврдува, и стратешките цели на институцијата. Она што функционалната анализа не го прави, а е многу значајно е што не оценува дали е во склад со постигнувањето на назначајната стратешка цел на земјава – евроатлантска интеграција. Затоа е многу веројатно да и оваа реорганизација нѐ не донесе блиску до ЕУ, зашто ЕУ не е варијабла земена во анализата на функционалноста на администрацијата.
Вториот проблем е во фактот што функционалната анализа се однесува на институцијата и нејзината организираност, процеси и поставеност, на ефективноста и ефикасноста во дистрибуцијата на ресурси (вклучително и човечките). Функционалната анализа не се однесува специфично на луѓето, се прави оценка на нивните компетенции во однос на функциите на институцијата, но не се прави оценка на нивната ефикасност и ефективност, на нивната професионалност или политизација. Така што идентификацијата на непотребните кадри и нивното намалување преку најавената реорганизација нема да доведе ниту до решавање на другите проблеми со кои се соочува јавниот сектор: неефективност, непрофесионалност, неефикасност, и политизација. Реорганизацијата може оттука да предвиди за непотребни оние кои се стручни и професионални, ефективни и ефикасно работат ама се распределени во сектор кој според систематизацијата има повеќе од што треба вработени.
Третиот проблем е што не се предвидува (барем како што објасни Манчевски) обид „непотребните” да се прераспределат на друго место каде се потребни, да им се даде отпратнина (како што е случај со секоја оптимизација во јавен и приватен сектор во многу земји), да се ‘отстранат’ преку користење на договорно ангажирање од приватни доставувачи на истите услуги (contracting out) туку да се понудат на т.н трансфер листа во приватен сектор. Оваа изјава беше оценета, со право, како проблематична од повеќе аспекти, но најмногу заради тоа што е спротивно од севкупната пракса на оптимизација во јавен сектор било каде во светот и најважно спротивно од пазарната логика (непотребен административец би бил посакуван во приватен сектор каде требаат и компетенции и знаење заради тоа што секторот е конкурентен за разлика од јавниот кој не е). Уште попроблематично е што Владата предвидува субвенции за приватните фирми кои би вработиле лица од јавната администрација. Значи се нуди буџетска поддршка на приватен сектор не заради решавање на структурален проблем, како невработеност, исклученост од пазар на труд на ранливи категории луѓе, исправање на нерамноправност или слично. Колку долго ќе биде приватниот сектор поддржан и дали ќе има обврска да ги задржи административците? Колку долго треба д аги вработува во моделот на Манчевски не беше познато. Без никаква анализа дали на приватниот сектор им се потребни кадрите кои се непотребни на јавниот, ова решение делува еднострано без да ги земе впредвид и потребите на бизнис секторот, и барањата на УПОЗ (според изјавите на синдикатот по изјавата на министерот).
За мене конечно најпроблематична беше вредносната оценка на министерот дека „непотребните” ќе бидат повеќе мотивирани да работат во приватен сектор. Со тоа тој оцени дека непотребните не се мотивирани и не ја вршат работата која ја имаат. За да се даде таа изјава потребно е да се направи оценка за ефективност, ефикасност и професионалност на секој вработен, како и мотивација за работа, што функционалната анализа која ја информира оваа реорганизација не ја прави. Истата отвара простор за дискусија кој ќе биде оценет за непотребен и немотивиран, со оглед на тоа што нема алатка која прави лична оценка, vetting, одлуката може да биде субјективна, неоснована и во оваа поларизација која постои во земјата, политичка.
Реорганизацијата која ја најави министерот Манчевски има затоа потенцијал да биде причина за конфликт на оваа Влада со вработените во јавен сектор, со приватниот сектор и да создаде уште позаострена критика за политички реваншизам (доколку се утврди дека ќе оди во таа насока, а во други слични обиди на други влади потребно било посегнување по еден од „нивните” за да се добие впечатокот за реваншизам) и зголемена политизација и поларизација. Ништо во листава не се посакува во предизборна година, па се поставува прашањето зошто Владата не ја спроведе реорганизацијата на почетокот на мандатот, туку сега?