По неколку децении просториите на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје се целосно реновирани, а комплетно е обновен хируршкиот инструментариум и дел од опремата. Клиниката денеска ја посетија премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
– На пациентите им овозможуваме врвна медицинска услуга, следејќи ги најновите светски стандарди во современата пластична и реконструктивна хирургија. Истовремено исполнети се сите услови за спречување на интерхоспиталните инфекции согласно стандардите на Светската здравствена организација – изјави Заев по посетата.
Премиерот информира дека покрај ова, тимот на пластични хирурзи на Клиниката под водство на професорот Оскар Азман од Медицинскиот универзитет од Виена, кој е и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје првпат извршија сложен оперативен зафат. Посочи дека и понатаму останува да ги усовршуваат медицинските лица, да го зголемуваат нивниот капацитет преку соработка со врврни експерти.
– Ги реализираме врвните заложби на Владата, односно се трудиме да обезбедиме најсовремени здравствени услуги кои се достапни за сите граѓани. Заедно со Министерството за здравство посветено креираме модели кои ќе обезбедат одржлив јавен здравствен систем. Зачувувањето и заштитата на здравјето на нашите граѓани за нас е врвен приоритет – рече Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека и покрај тоа што се посветени на изградбата на новиот Клинички центар, сериозно внимание обрнуваат и на клиниките во рамки на кампусот. Оваа Клиника, како што рече, е целосно реновирана и може да даде врвна експертиза на сите пациенти во современи услови.
– Ова е Клиника што се реновира по Клиниката за неврохирургија, Интензивната нега, Клиниката за дигестивна хирургија. Завршува проектот за реконструкција на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и со истата динамика ќе продолжиме со реновирање на дел од интерните клиники кои се наоѓаат во стара зграда. Овие две згради се најстарите и се од 40-тите години од минатиот век – рече Филипче.
Тој информира дека е при крај тендерската постапка за изработка на монтажни катни гаражи. Во следните две недели повторно ќе биде презентирана на Владата, по што ќе може да се објави.
Директората на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје Софија Пејкова изјави дека изминатите две години со колективот посветено работеле на создавање услови кои ќе обезбедат воведување современи методи.
– Пациентите добиваат врвен третман што е соодветен на третманот што би го добиле на клиниките во Европа. На тој начин нашата Клиника се вбројува како еден од водечките центри во регионот – рече Софија Пејкова, додавајќи дека ќе продолжат да ги следат светските трендови на пластичната хирургија.
На Клиниката денеска била извршена микрохируршка интервенција. Се земал мускул од ногата на пациентот, кој има свој крвен сад, нерви и се преместил на раката на пациентот. Пациентот е 25-годишно момче од Охрид, оперирано досега во неколку центри во Европа. Тој случајно го нашол професорот Азман во Австрија, кој му предложил операцијата да биде извршена тука.