Реновирана Итната медицинска помош во Битола

266

Министерот за здравство Венко Филипче денеска го посети Здравствениот дом Битола и реновираната служба за Итна медицинска помош во оваа јавна здравствена установа.

– Извршени се повеќе реконструкциски зафати, меѓу кои позначајни се: отворена е амбуланта во склоп на дневна болница во која дежураат матични доктори, отворен е шалтер за прием на документација од пациенти и набавена е нова медицинска опрема – апарати за ЕКГ, столици за транспорт на пациенти по скали и ново санитетско возило. Воедно, набавен е нов стоматолошки стол за ургентна стоматологија и опремена е посебна просторија за едукација на медицински персонал – информираат од Министерството за здравство.

Исто така, извршено е комплетно реновирање на ходници во ИМП со ѕидни и подни плочки, поставена е автоматска лизгачка врата, извршена е санација на просториите и тоалетите, набавен е мебел, канцелариска опрема и медицимски мебел и соодветна компјутерска опрема. Воедно, извршено е комплетно санирање на одводната канализација, поставена е нова водоводна мрежа, нова електрична инсталација и поставен е медицински под.

Вкупната сума за реализација на овие активности изнесува шест милиони денари, со средства обезбедени од Здравствен дом Битола.

Инаку, Здравствениот дом Битола во континуитет реализира активности за кадровско зајакнување и за таа цел, во изминатите две години се ангажирани 14 доктори, девет медицински сестри и по еден психолог и фармацевт.

Во тек е процедура за вработување уште 10 доктори и се реализира постапка на транформација на работниот однос на 11 лица, ангажирани со договор на дело на неопределено, а во меѓувреме се распишани и пет специјализации.

Сето ова, посочуваат од Министерството за здравство ќе придонесе за унапредување на условите за поквалитетна здравствена заштита за пациентите од Битола и околните места, но и за работа во здравствениот дом.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...