Пратеничката Фросина Ременски, осомничена во аферата „Рекет“ во втората истрага која се однесува на работата на Меѓународниот сојуз, тврди дека материјалите ги поседувала законски, а единствено спротивно на законот бил спроведениот претрес. Основното јавно обвинителство (ОЈО) нашло доверливи документи во домот на осомничената пратеничка Фросина Ременски во аферата „Рекет“, но тврди дека не станува збор за материјали од случајот „Монструм“, објави порталот МКД.мк.
Ременски преку Фејсбук, како што вели сака да појасни неколку работи кои се во интерес за вистинито и објективно информирање на јавноста.
– Сите странки во истражната постапка треба да се придржуваат кон тајноста и законитоста и на постапките што ги водат и на информациите што ги споделуваат со јавноста.
Потврдата од ОЈО за одземени документи, воедно и нивниот демант за природата и тематиката на документите е еден значаен аспект од објавената вест која не смее да биде извор на идни шпекулации и лажни вести.
Веста во порталот е објавена во пресрет на институционална потврда по моја претставка за крајно незаконит влез и претрес во мојот дом што отвара друга сериозна димензија за законитоста во постапување на надлежните за спроведување на истражното дејствие.
Вмешувањето на името на мојот сопруг Јовче Ременски во контекст на објавената веста, како и до сега го сметам за крајно злонамерно и тенденциозно, ако се земе во предвид фактот дека, документи што не смееле да бидат одземени во незаконит претрес се одземени од мене – Фросина Ременски, а не од мојот сопруг, и истите не се ниту предмет на кривично дело, ниту пак потекнуваат од кривично дело.
Да не заборавиме дека, согласно закон, документ со кој се прикрива кривично дело, пречекорување на овластувања или други незаконски дејствија не може да биде класифициран документ.
Како член на собраниска Комисија за надзор над УБК и АР од 2017 година сум била иницијатор за надзори, а врз основа на добиени информации од надзори и добиени документи за злоупотреби, до денес, во вршење на служба имам поднесено неколку кривични пријави и барања за постапувања до надлежни органи, за сега без одговор. Тоа ќе се случува и понатаму.
Како поранешен министер и сегашен пратеник и потпретседател на Собранието од 2015 година поседувам безбедносен сертификат “Државна тајна”.
Неточна е информацијата во објавениот текст дека сум во куќен притвор.
За сите други прашања поврзани со овој објавен текст и мој одговор, очекувам комуникација во/со ОЈО, а не во/преку медиуми, пишува Ременски.