Немам ништо против (Напротив!), ОЈО за организиран криминал и корупција да испита каква е мојата почесна функција во нeвладината организација на Бојан Јовановски (Боки 13). Стојам на располагање да им појаснам сѐ што ги интересира, или за сѐ што имаат дилема, напиша Фросина Ременски на својот профил на Фејсбук.
„Да не ги оставам во грижи оние од ВМРО-ДПМНЕ кои здушно ме прозиваат на пресови деновиве, пред утрешната скара, продолжен викенд или изливи на „патриотизам“ за празникот 2 Август – Илинден. Добро сум, ич да не се секирате!
Секое ставање на моето почесно членство во невладина организација во контекст на актуелниот случај „Рекет“ е очајнички обид на „државнички поставената опозиција“ да фрли партиска боја на случајот кој треба/мора да добие разрешница, без навивање од партиски трибини и трибуни.
Со име и презиме стојам зад сите мои постапки кои се позитивни, одговорни и законити, до степен што многу често (до ден денес) пречеле на многумина.
Политичката култура и етиката не ми дозволуваат да делам лични квалификации, лекции за добро однесување и одговорност за дифамацијата, хибридната етика и субверзивната пропаганда. Тие лекции ќе добијат друга форма, пак со име и презиме.
До следниот прес, нека го истражат и моето почесно членство во Независниот синдикат на полицијата, и таму зборувам и имам слики.
За многу години 2 Август – Илинден на сите граѓани на мојата земја која конечно, оваа 2019 година, и покрај сите квазипатриотски и стикер-азилантски „филозофии“ ќе го оствари вековит сон да биде во заедница со прогресивниот, демократски свет“, напиша Ременски.