Ременски: Лежерно влеговме во превенирање на параполициски структури

Легалноста на постапувањето на одредени структури го оставивме на истражните органи што е легитимно. Но ако се има во предвид дека полицијата и сите останати служби имаат внатрешен механизам на контрола, не сум сигурна дека до крај ги анулиравме овие дејствија, вели потпретседателката на Собранието.

759

Потпретседателката на Собранието Фросина Ременски во вечерашното гостување на 1 ТВ, отворајќи ја темата „Кој и како ги контролира тајните служби“, вели дека власта лежерно влегла во превенирањето на злоупотребите на безбедносните структури.

– Ја слушнав изјавата во емисијата што ја имаше синоќа Јовановски со Пендаровски за неговата констатација дека е следен од одредени лица кои тој ги квалификуваше на одреден начин. Можеби тоа е добро да се отвори како дилема или претпоставувам заклучок кој го делат повеќето функционери кои што биле третирани од страна на параполициските структури. Се сомневаме, јас се уште се сомневам дека таквите структури постојат и дека работат надвор од службените овластувања под партиска команда, под која претпоставувам има служби од безбедносните структури за да информираат за одредени движења на одредени политичари. Од друг аспект, отвора друга дилема која што сакам критички да ја потенцирам и во нашите партиски кругови, дека ние малку лежерно влеговме во сферата на превенирање на ваквите злоупотреби, имајќи предвид дека дел од ветувањата во предизборието во расветлување на случаи, не успеавме до крај да ги истражиме. Легалноста на постапувањето на одредени структури го оставивме на истражните органи што е легитимно. Но ако се има во предвид дека полицијата и сите останати служби имаат внатрешен механизам на контрола, не сум сигурна дека до крај ги анулиравме овие дејствија – рече Ременски.

Таа се осврна и на најавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за евентуален ветинг каде што веројатно ќе доминаат странските експерти.

– Методите за работа се тајни. Спомнавте тајна полиција. Ние после ‘91 не сме имале тајна полициja, туку служба. Лага е ако некој мисли дека тајноста ќе се тргне како епитет на оваа служба, методите на работа се тајни – рече Ременски.

Таа рече дека лојалноста кон државата е она што треба да ги води вработените во сегашната агенција за национална безбедност, бидејќи само така се обезбедува посветеност.

– Но се плашам дека имајќи ја предвид инсталацијата на структурите во оваа тајна служба начинот на кој се регрутирале кадрите и добивале бенефиции од страна на службата, начинот на кој менаџирале со информации од незаконско следење, дека создава сомнеж околу лојалноста и посветеноста на државата. Јас не би ги двоела во струи, таму доминира клиентелистичката структура на Мијалков, затоа што ако ги гледате написите во медиумите, ќе видите дека тој момент на задоволување на одредена егзистенцијалната потреба на родител да вработи дете и во минатото и денес останала како гарантирана лојалност – истакна Ременски.

Потпретседателот на Собранието истакна дека власта има сериозна задача да донесе квалитетен закон за да не постои сомнеж во јавноста, но и дека нема да остане недокажана за прашања кои ја засегале и кога била во опозиција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...