Релации

381

Но, за несреќата на македонската култура да биде поголема, ако спроведете улична анкета за состојбите во судството ќе чуете сѐ и сешто искажано со најпогрдни пцости и зборови, ама за културата ретко кој ќе каже нешто лошо. Ама, нели, судството и не ни е така лошо, само што имаме – лоши судии! Сето друго таму е – ок!? Во културата пак, никој и не пројавува желба или амбиција да каже нешто лошо или не дај боже да го менува ваквиот неодржлив државно-монополски систем. Исто како и во судството, каде дури и најавениот ветинг било лошо решение, вели госпоѓата. Исто како и во културата: не дај боже некој да спомне ревизија (програмска, финансиска, почитување на законите и сл.) во институциите од културата, особено националните. Или некој да ги растресе малку оние „директори“ кои ја држат фотелјата неколку (катастрофални) мандати врз основа на стекнатото право од дедо им. Или да им ги отвори фиоките како на оние во Врховниот суд? И тоа за госпоѓана и не било така лошо? Да ја спомнам пак пуфлата? Не.

Како ние умееме да ги камуфлираме и најцрните нешта. Цареви! А умееме и да фаќаме аналогии ала госпоѓата и Прибе. Нешто слично како што неодамна можевме да прочитаме дека е чудно како првиот македонски модерен роман – оној на Славко Јаневски насловен „Село зад седумте јасени“ – може да биде модерен а во насловот да го има зборот село!  (Ова колку за „Фондацијата Славко Јаневски“, којашто и понатаму ќе ја спомнувам, се надевам во позитивен контекст).

Бидејќи не знаеме за подобро, ние дури не се ни обидуваме да ги откриеме сите скриени вредности на културата како целина за општеството, па и на секој нејзин сегмент одделно. А ги има многу, и сите се податни за анализи. Во таа насока, на пример, релациите помеѓу културата и економијата. Меѓутоа, тоа нема кој да го (на)прави. Државниот монопол во културата едновремено е и, како што претходно кажав, монопол на вистината во културата, а монополистите, барем кај нас, се претежно полуписмени луѓе. Ним не можеш ништо да им објасниш, не па важноста на културата за општеството. Што е најсмешно, оваа држава којашто толку (божем) полага на развојот на економијата/бизнисот како движечка сила на државата, поим нема какви сѐ економски потенцијали крие културата. Тоа светот го знае одамна, не само од времето на средновековната Фиренца, или во поново време Пекинг, на пример. Ама верува во онаа „перверзна“ (Бранимир Јовановиќ) констатација на ММФ дека македонските компании се најпрофитабилни во Европа? А може и да се? ММФ, чинам, не го зема предвид фактот дека целиот бизнис (или, ај да се поправам: поголемиот дел од него) во Македонија е – државно регулиран/контролиран бизнис, дека кај нас сѐ уште функционира државната економија, дека во тој „славен“ бизнис најголем број фирми се човек-фирми … Па, следствено, зошто и да не се најпрофитабилни кога немаат никаков трошок, само – ќар?!

Но, од друга страна, во досегашниот контекст некој може – погрешно – да заклучи дека државата го држи монополот над културата заради некаква своја корист, заради којзнае какви бенефити или заради она познато „монопол над знаењето“. Ништо од ова кај нас не е во игра: сигурен сум дека државата/власта, која и да е, не знае што со културата, а најмалку како би можела ПОЗИТИВНО да ја користи (освен, се разбира, во порано посочените, главно негативни примери на клиентелизам, корупција, криминал и слично!). Она што е интересно во нашиов случај со (безмалу) целосната монополизација на државата врз културата е и фактот дека ние во тој поглед можеме да „се мериме“ само со една Сирија, на пример, но никако со некоја европска држава. Иако, според достапните податоци, и во посочената Сирија процесите на демонополизација на културата се одамна во фокусот на интересот.[1] Се разбира, и кај нас процесот на монополизација – со фази на делумна демонополизација но и враќање на старото – се одвивал во неколку етапи, но тоа е тема за друга прилика.

Но, јас во случајов главно говорам монополизацијата којашто е целосно слепа, која не умее ни да ги препознава потенцијалите што културата ги нуди на оваа држава, па дури и на оваа економија – ако веќе се залажуваме дека сме некаква економски ориентирана држава. Особено дека „локалната“ култура може да биде еден важен сегмент во локалниот или регионалниот економски развој. А тоа бара посветени и просветени луѓе, умни и начитани, ај да не речам како фамилијата Медичи, на пример, зашто тие (сите) баш и не биле најпросветени, итн. Како, и кому, во оваа монополистичка култура вие ќе објасните дека во неолибералното доба културата игра „(…) витална улога во економското збогатување на градовите низ целиот свет“?[2]

Но, Tretter потенцира еден друг збор, вели: нова економија. Ама ние не сакаме „нова економија“, ние сакаме – стара економија. Затоа, впрочем, сето тоа кај нас никого не го интересира, а најмалку двата најбитни фактори: државата и културата. Тие се себедоволни односно взаемнодоволни: културата си ја има државата за патрон, државата си ја има културата за слуга. Сите среќни и задоволни! Економијата – најзадоволна!!!

И овој процес на валоризација на културата како битен економски фактор во градовите трае во светот уште од 1970тите години. Ајде што тогашните кај нас „комуњари“ немаа поим за тоа, ниту пак ги интересираше, ама овие економскиве и „бизнис ориентед“ демократи? Та нели они сѐ знаат за бизнисот? Иако, сигурен сум, знаат, или барем слушнале, ама што фајда би имале тие од таквата државна/културна ориентација? Би дрпнале само трошки. А вака, со оваа државна економија, сиот профит оди кај нив! Или, кога говориме за демократијата во земјава, како тоа се вклопува во монополскиот систем на државата во културата? Или – тука не треба да има демократија? Како се идентификува, на пример, демократијата со забраните во културата? Ако државата си дозволува да биде врвен цензор не само во културата туку и во уметноста – на пример да препорачува за забрана еден филм – тогаш за која и каква култура можеме да говориме?

Но, зошто воопшто разглабам за економијата и културата, за демократизацијата контра монополизацијата во културата? Па токму затоа што ние, ако веќе се претставуваме како економски ориентирана демократска држава, треба да ги анимираме и овие страни на економијата, а особено на демократијата. Ама тоа не го правиме. Зошто? На тоа прашање треба други да одговорат. Во секој случај, сакам да кажам дека ако државта не умее да ја искористи културата ниту за некаков, каков-таков, економски развој барем на градовите ако не на целата држава, тогаш државата појма нема што има во рацете и што и како да прави со културата. И тоа е повеќе од евидентно! Затоа и прашањето: ако не знае што да прави со неа, зошто не ја ослободи, зошто не ја пушти од челичните прегратки во коишто ја држи од 1945 година наваму? И на тоа прашање треба некој друг да одговори.

[1] Види, на пример: Cécile Boëx (2011): The End of the State Monopoly over Culture: Toward the

Commodification of Cultural and Artistic Production, Middle East Critique, 20:2, 139-155

[2]  Tretter, Eliot. (2009). The Cultures of Capitalism: Glasgow and the Monopoly of Culture. Antipode. 41. 111 – 132. 10.1111/j.1467-8330.2008.00658.x.

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...