Ректорот изрази сочувство за загинатите и се огради од изјавата на Ванковска

586

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски изрази сочувство за трагичната смрт на четворица студенти од УКИМ кои загинаа во завчерашната автобуска несреќа – Павле Костоски од Правниот факултет, кој магистрирал пред три месеци, Онур Садику од Медицинскиот факултет, Бејза Узеири од Архитектонскиот факултет и Јовица Трпевски од Електротехничкиот факултет.

– Длабоко сум потресен од трагичната сообраќајна несреќа во која настрадаа наши граѓани. УКИМ изразува најдлабоко сочувство кон семејствата на загинатите. Особено болно за академската заедница на УКИМ е загубата на четирите студенти од овој Универзитет – наведува Јанкуловски.

Во дописот тој се оградува и од изјавата на професорката Билјана Ванковска бидејќи, како што вели,  во врска со нејзината изјава вчера во медиумите и на социјалните мрежи бил повикуван и споменуван УКИМ. Притоа додава и дека Скопскиот универзитет  секогаш ја поддржувал слободата и правото на секој професор и студент слободно да мисли и да го изразува своето мислење.

– Не навлегувајќи во правните квалификации на изјавата на професорката, за што се надлежни други институции, од етички причини чувствувам должност да се оградам од изјавата на проф. д-р Билјана Ванковска. Како човек остро осудувам секакви изјави кои алудираат на нетрпеливост и нетолеранција и создаваат чувство на омраза. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ секогаш ја подржувал слободата и правото на секој професор и студент слободно да мисли и да го изразува своето мислење – вели Јанкуловски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...