Чешките производители на пиво се презадоволни од долгото и топло лето, какво што којзнае кога и дали некогаш било овде. Продажбата на „пијалакот со бела крагна“ во продавниците, а секако и во недобројните чешки пивници, е рапидно зголемена и достигнува рекордно ниво.
Според податоците на Агенцијата Нилсен, специјализирана за анализа на пазарот (во Македонија и за рејтинзите на телевизиските програми) минатиот месец само во продавниците е продадено пиво во вредност од 1,67 милијарди круни, што во „наши пари“ изнесува речиси 70 милиони евра. Се проценува дека станува збор за историски рекорд.
Високите температури, всушност, го запреа долготрајниот пад на потрочувашката на пиво во Чешка. Додека во 2008 година луѓето пиеле во просек 157 литри по глава на жител, минатата година таа бројка падна на 138 литри. Но, продажбата во ова жешко лето (податоците се само за јули, но проценките се дека и августовските податоци нема да бидат полоши) се како во деновите за Божиќните празници.
Претседателот на чешката асоцијација за пиво Францис Мал, не без причина, проценува дека потрошувачката на пиво во Чешка би можела да се врати на нивото од 2016 година, односно на 143 литри по глава на жител. Тој има извесна воздржаност за потрошувачката во пивниците, која опаѓа со години и не верува дека потрошувачката во нив може брзо и рапидно да се зголеми. Односот на потрошувачката на пиво во Чешка речиси се приближува до фактот две од три пива да се пијат дома, што говори за значајна промена на чешките навики. Од топлото лето, значи, најголемо фајде ќе има малопродажбата.
Во текот на изминатите 12 месеци продажбата на пиво е порасната за 7,3 отсто.
Продажбата во последно време, особено во пивниците и рестораните, е отежната поради забраната на пушењето, како и ограничувањата во работата на ресторанските бавчи. Но, големите производители на пиво се снаоѓаат така што се вклучуваат во организацијата на фестивалите кои се одржуваат на отворено и на кои се точи пиво. А традиција е летно време да замав да зема и пивскиот туризам. Годинава во трката по пивопии победуваат сопствениците на бавчи кои имаат дозволи за работа до доцна во ноќта.
Според комерцијалниот директор на најголемиот чешки производител на пиво „Пилсен“, летната продажба на нивните брендови пиво и пивски мешавини за неколку проценти се зголемени во однос на минатата година. Истото го велат и од „Старопрамен“ и од другите поголеми производители на пиво.
Покрај пивото, годинава се зголемува и продажбата на пивските мешавини, овошните пива и радерите. Нивната продажба летово е зголемена речиси за една петина. Што е однесува до амбалажата, најголема е побарувачката во т.н. лименки – поголема за 30 проценти во однос на минатата година.