Во текот на месец август забележана е рекордна фреквенција на патници и возила на граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница кај Дебар.
Според надлежните од граничната полиција, Регионален центар-запад, во обични денови границата ја минуваат по повеќе од 2.500 патници, додека во викенд и околу четири илјади, што се смета за историски рекордна бројка.
Тоа како резултат на подобрената патна инфраструктура од двете страни на границата, која освен постојаните жители ја користат и печалбарите кои со сопствени возила доаѓаат со траекти до пристаништето Драч.
– Македонските државјани од Дебар, но и другите градови на Македонија во Албанија патуваа главно за одмор на албанското крајбрежје, пред сѐ, во Шенѓин, каде климата е идентична со онаа на црногорскиот град Улцињ. Но, исто така одат и на домашни веселби кај свои роднини и пријатели. Што се однесува до албанските државјани, тие во Македонија доаѓаат на шопинг пред сѐ, во Дебар, посебно во саботните денови кога во Дебар е пазарен ден, потоа кај роднини на веселби, но и за сезонска работа. Исто така, тие овој премин го користат и транзит да поминат низ Македонија – потврдуваат од Центарот.
Зголемена фреквенција е забележана и преминот за локален граничен сообраќај Џепиште – Требиште, каде претходно во просек минуваат по педесеттина лица.
– Споредено со „Блато“, тука има помала фреквенција бидејќи станува збор за граничен премин кој во летниот период работи секој ден од 8 до 20 часот и е наменет превенствено за жителите на пограничната зона. Во обични денови фреквенција е над 200 лица, а за викенд над 300 лица, кои главно во Дебар доаѓаат од областа Голо Брдо, заради шопинг, и нашите и нивните граѓани за веселби кај роднини, но и тамошни жители кои работат во Грција, а од почетокот на август доаѓаат во родниот крај – посочуваат од граничната полиција од Регионалниот центар-Запад.
Со изградбата на автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр) се очекува фреквенцијата на преминот „Блато“ да се зголеми за неколупати, бидејќи оддалеченоста од Дебар до Тирана наместо сегашните 180 ќе биде 72 километри.