Премиерот Зоран Заев попладнево изјави дека во недела попладне до Собранието ќе го достави предлогот за реконструкција на Владата. Тогаш, како што рече, ќе ги соопшти деталите околу имињата и ресорите.
– Нашата земја денеска, утре и во недела претпладне е домаќин на Конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд. Сакаме да се покажеме во најдобро светло и тоа е главната причина. Одлуките се донесени и во недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација во Бирото за метрологија.
Паралелно со ова, како што истакна, се работи и на вториот бран со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.
Во однос на промените што се прават внатре во Социјалдемократскиот сојуз, Заев информира дека останува да се именуваат потпретседателите на партијата и уште 20-тина претседатели на општинските организации на партијата.