РЕКЕТАРСКА САГА Коки се обидел да изнуди пари и од мобилен оператор, ама сега на врат има истрага од ЕУ!

Власта почна да се одлепува од оваа опасна рекетарска група, да ја сече папочната врвца со неа. За почеток, настрада Кики, еден од главните „фацилитатори“ на рекетот. Ќе успее ли Фрики навреме да го напушти бродот што тоне? Зошто инфлуенсерката Лики е пак во игра? Бандата е во хаос...

35995

Како што ви ветив, почитувани читатели, еве ново продолжение за подвизите на рекетарската банда на чело со Коки, медиумското могулче и милениче на луѓе од актуелната власт, милениче кое на естаблишментот сепак сѐ повеќе му одмилува, па сведоци сме на засилени обиди на власта да ја раскине врската со ова опасно и ризично типче. Ви се извинувам што паузата која ја најавив, малку ја оддолжив. Но, во меѓувреме имаше развој на ситуацијата со бандата, па редно беше да почекам и да им дадам шанса на некои важни луѓе да преземат некои неопходни чекори.

Пред да ви раскажам што сѐ се случи, уште еднаш сакам да нагласам дека сите ликови во оваа приказна, како и во претходните, се измислени, иако реферираат на вистински ликови и вистински приказни што се случуваат тука покрај нас. За сите препознавања, одговорноста е на тие што себеси се препознаваат, или други препознаваат во овие ликови. И така ќе биде сѐ додека оваа банда не биде предмет на сериозна и напредната истрага, кога ќе можам и јавно да ги соопштам вистинските имиња на актерите. До тогаш, јас раскажувам приказни, а вие, се надевам, ја препознавате нашата тажна реалност, исполнета со висока корупција и бескруполозен рекет.

Во игра и Лики, старата другарка на Коки

Што се случи во меѓувреме?

Реков веќе, власта почна да се одлепува од оваа опасна рекетарска група, да ја сече папочната врвца со неа. За почеток, настрада Кики, еден од главните „фацилитатори“ на рекетот. Ја изгуби позицијата во партијата. Очигледно, некаде во државниот врв е оценето дека работата е отидена предалеку. И дека матната сите може да ги однесе…

Така, на пример, оној проект за изградба на објекти од областа на социјалните грижи во општините, тој лажен проект за собирање на кајмакот од општинските каси, освен во општината на онаа храбра градоначалничка за која пишував (која ги отфикарила рекетарите и ги испратила да си ја пробаат среќата во Струмица), бил „продаван“ и во неколку други општини во земјата. Сѐ уште се испитува дали некаде градоначалниците подлегнале, или на блискоста со Коки и групата, или на притисокот од овие луѓе, кои се повикувале директно на премиерот Зоран Заев и така го брукале човекот.

Интересно е дека во овој проект, како своевиден декор – не како рекетар, туку како некаква гаранција за успехот – повторно е активирана една стара соработничка на Коки од неговите измамнички потфати, една инфлуенсерка која во оваа прилика ќе ја наречеме Лики. Патем речено, уште се раскажува една стара измама, кога Коки и Лики успеваат да „обработат“ една овдешна локална газдарица и да ѝ лапнат неверојатни 300.000 евра. Сфаќајќи го ризикот во зделката, Коки се извлекува да не потпише договор и ја наведува Лики да го стави својот ценет потпис – работата завршува така што сопственичката успева на наивната Лики да ѝ ја блокира трансакциската сметка.

И ете, Лики пак е во игра, како ништо да не научила од сопствената грешка…

Коки и Фрики главни во потфатите

Но, појавата на Лики во приказниве, сепак, е од второстепено значење. Се покажа дека дури и Кики, иако јак штик во владејачката партија, бил есапен за „потрошна роба“. Главниот и најопасен соработник на Кики изгледа сепак е Фрики, уште еден член на естаблишментот. Фрики има и лична, но и формална блискост со „империјата“ на могулчето Коки.

Уште се памети како токму Фрики е таа која при поделбата на парите за кампањата за референдумот за промена на името, жестоко инсистира медиумот на нејзиниот компањон Коки да добие најголем дел од колачот. Во значајна мера тие притисоци ќе вродат со плод, касата на медиумот ќе се поднаполни, но референдумот, како што е познато, нема да успее. Народните пари за џабе се фрлени, во медиум со мало влијание на пазарот. И за тоа еден ден некој треба да одговара.

Има сомневање дека Фрики била партнерка на Коки и при еден негов неуспешен обид да изнуди голема сума пари (за 1 милион евра станува збор, велат некои) од еден наш мобилен оператор. Оваа компанија веќе се рекламирала во медиумот на Кокичето наше, но за релативно пристојна, да не речам скромна сума. Како што е и ред, во овие тешки времиња. Но, царот на рекетот не бил задоволен и се обидел да го убеди директорот на компанијата да влезе во неговиот медиум со големи пари. Во таа операција на убедување наводно учествувала и Фрики.

Дека Фрики, покрај Коки, можеби е клучен актер во потфатите, зборува и фактот дека и таа е предмет на една истрага што пред три недели е започната во ЕУ, а покрај Коки, веќе споменуваниот владин советник Баки, една соработничка на Коки и веќе жртвуваниот Кики, под лупа е и Фрики. Ако сум добро информиран, за оваа истрага е запозната и Антикорупциската комисија, или барем некои луѓе од оваа комисија. Некои велат дека поради ова Фрики веќе се подготвува да го напушти бродот што тоне, дури има време, ако воопшто има…

Да биде незгодата по бандата на Коки поголема, пред некој ден во Скопје долетал еден европски експерт за медиуми, истиот кој учествувал во пишувањето на европските извештаи за Македонија во делот за медиумите, во 2015 и во 2017 година. Се верува дека неговата посета е во рамките на спомнатата истрага, бидејќи освен за општата состојба со медиумите во земјава, човекот најмногу се интересирал токму за медиумот на Коки и за скандалите за кои пишувам јас. Луѓе што имале прилика со него да разговараат тет-а-тет ми велат дека човекот е длабоко навлезен во проблематиката, дека практично знаел за сѐ што се случува. И се разбира, информиран е и за улогата на Фрики во потфатите.

Коки го оставаат сам – само Клики остана да го брани!

Што прави Кокичето наше во меѓувреме?

Освен што и натаму рекетира и троши пари, како мал куриозитет, еве, да спомнам дека пред извесно време Коки се подвргнал на операција на намалување на желудникот, за да ја намали телесната тежина. Честитам! Па сега од сите неелегантно пополнети во својата околина, тој барал да го сторат истото. А кој не сакал, не смее да ждере по коктели и да се дебели. Човекот си има стил и си се негува, бре. Па шта кошта нека кошта…

Туку ајде, можеби тоа е само легенда. Ама, чиста реалност е дека Коки е во паника и се обидува да почне некаков контранапад, што никако не му успева. А не му успева затоа што има измамничко минато и затоа што сѐ повеќе луѓе му откажуваат соработка, свесни за ризикот во кој ги фрла овој човек, чие целосно деловно работење е надвор од легалните финансиски текови. Неговите новинарски ведети се одјавија до септември и заминаа по одмори (да си ги трошат „тешко“ заработените пари), а оние луѓе што останаа во медиумот преку летово сѐ погласно го оговараат газдата и страхуваат дека царството на рекетот ќе се распадне некаде наесен.

Во одбрана на Коки засега верно останува само еден друг познат матен лик, кој има сопствен парамедиум и кој е познат по лудориите поради кои често е нарекуван клинички случај. Затоа ќе му го дадеме името Клики. Коки на Клики му дава нешто пари, со цел овој мутавиов да го брани и да нѐ напаѓа мене и сите други за кои им се сонило дека „стојат“ зад приказниве мои. Е сега, проблемот со Клики е што типчето е една класична будалетинка, која не може да издржи да не се пофали со заработените пари и брзо да ги потроши. Па така, последно што слушам е дека тој со парите од Кокичето наше си купил половен БМВ и сега на цел глас се фали дека му е подарок од шефот на рекетарската банда.

Оф мори мајко… Ама, така е тоа со нашиве нови рекетари – иако дрско бараат огромни суми и при тоа се повикуваат директно на државниот врв, тие сепак се само обични, паланечки измамници. Немаат ни мафијашка „етика“, а ни стил. Како што еднаш веќе напишав, тие се срам не само за сиот поштен свет, туку и за сите „поштени“ криминалци во Македонија.

Арно ама, не е моја работа да правам психолошки потрети на малоумници. Тоа е губење време. Мое е да раскажувам. Ако настаните не наложат поинакво темпо, најавувам малку подолга пауза на рекетарскава сага (до почетокот на август), а потоа се враќаме назад во светот на високата корупција и рекетот. Ако, пак, се наложи потреба за брза реакција, тука сум, спремен и орен за борба. Зашто, борбата со ова зло мора да продолжи. А се надевам дека во меѓувреме и власта малку ќе се истакне во битките. За нејзино добро.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...