Специјалното обвинителство е еден од главните столбови за функционирање на правната држава во земјата, ако и овој последен правен столб ни побегне, или ако и овој последен гарант на правната држава го изиграме со меѓупартиски, меѓулидерски договори, мислам ова ќе биде крај на владеење на законот, вели претседателскиот кандидат Блерим Река, во интервју за МИА.
– Ние имавме една стратешка геополитичка цел. А тоа беше да бидеме што побргу членка на НАТО. И заради тоа ние направивме и некои непринципиелни компромиси. Направивме амнестија за да добиеме двотретинско мнозинство за да се промени Уставот, а сето тоа како предуслов за Грција да го ратификува Договорот од Преспа. Тоа веќе заврши и јас мислам дека веќе Владата нема алиби за нови политички тргувања. Нема веќе алиби, ни изговор за нови политички договарања, а пред се сигурно не за статусот и иднината за компетенциите за Специјалното обвинителство – ели Река.
Специјалното обвинителство е еден од главните столбови за функционирање на правната држава во земјата, додава кандидатот за шеф на државата.
– Ако и овој последен правен столб ни побегне, или ако и овој последен гарант на правната држава го изиграме со меѓупартиски, меѓулидерски договори, мислам ова ќе биде крај на владеење на законот, и ќе биде впрочем тоа на што јас и се противам не може државата да функционира врз основа на волјата на двајца лидери. Ние не можеме да градиме партиска држава. Или ќе градиме држава со владеење на законот, или нема да имаме држава. Мислам дека толку е јасно. Затоа тоа што се прави со Специјалното обвинителство дефинитивно не е она што го очекувавме во 2015 година. Ние мислевме дека Специјалното обвинителство ќе ги затвори сите предмети опфатени со „бомбите“, и сите ќе бидат казнети како што тоа го предвидува законот. Ова веќе станува лакрдија, една политичка игра во која навистина не сакам да поверувам дека ќе заврши со фијаско на Специјалното обвинителство – порачува Река.