Кандидатот за претседател Блерим Река вечерва на конвенција во Дебар нагласи дека е време и Албанците да имаат претседател на државата. Тој во присуство на лидерите на Алијанса на Албанците и БЕСА, Зијадин Села и Билал Касами, истакна дека има пет клучни приоритети за развој на државата, а 21 април е плебисцит за Албанците во Република Северна Македонија.
– Ние говоревме само за мултиетничко општество, а треба да говориме за мултиетничка држава. Тоа треба да се случи на 21 април, тоа е прв приоритет. Албанците не можат да бидат само аморфна маса и да се статистичка нација. Тоа е неприфатливо така што е голем приоритет да се надмине овој проблем – потенцира Река.
Мој приоритет, посочи тој, е и НАТО, а Македонија веќе е сигурно дека ќе стане членка на Алијансата.
– Некој се обидува да ме прикаже како политичар кој сака да спречи влез во НАТО, тоа не е вистина. Треба да се поздрави Преспанскиот договор, бидејќи и јас се залагам да има нула проблеми со соседите. Многу е добар договорот со Бугарија, а треба да се решат проблемите со Србија. Македонија никогаш немала проблеми со Албанија и Косово. Албанците надвор и внатре се за стабилна Македонија и регион, јас тоа само ќе го продлабочам. Треба да се надмине проблемот на исчекување за уште 20 години за Албанец да биде претседател на државата – рече Река.
Претседателот на Алијансата на Албанците Села пред дебарчани истакна дека македонските партии било тоа да е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ постојано се помагани од сервилни кои се во владите од 2002 година.
– Тие во владата се од условени интереси, а на Албанците сега им требаат чисти Албанци. Албанците овој пат одлучија да гласаат за Албанец претседател на државата кој е комплетна личност и заслужува да биде претседател на Република Северна Македонија. Доста беше давање на поддршка на оние кои се во политиката од големи интереси за себе и при тоа се дел од услугите за УДБА, а во политика се за да избегнат проблеми со законот. Веруваме дека на 21 април конечно Албанците ќе гласаат за Албанец – посочи Села.
Лидерот на БЕСА Касами истакна дека конечно Албанците имаат свој кандидат за претседател.
– Тој е независен и ги соедини партиите од албанската опозиција. Очекуваме сите Албанци да гласаат на 21 април за Река кој е најдобар кандидат. Едниот кандидат дури не ги побара гласовите на Албанците, а другиот, пак, не проговори албански, а ги сака гласовите – рече Касами.
На Конвенцијата како Река така и Села и Касами најавија сигурна победа за градоначалник на општина Дебар на д-р Арбен Аголи, кој е од редот на Алијансата на Албанците.
-Аголи е најдобро решение за градоначалник – порача Села.