Различни ставови во однос на Законот за јазиците изразија вечерва тројцата учесници во претседателската трка во четвртата ТВ дебата, која се емитува на Алсат, но сепак сите тројца на став дека гласачите не ги делат по етничка основа и дека во својата кампања се обраќаат до сите граѓани, а не до одредени етникуми.
Кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река, вели тој е за официјализирање на албанскиот јазик, како втор службен јазик во земјава.
– Меѓу мене и другите двајца кандидати постојат дијаметрално различни ставови во однос на ова прашање. Јас тука поаѓам од концетот на родени права. Ние Албанците кои сме родени тука имаме такво право, а со сегашното решение сме деградирани во Уставот со статистика од 20 отсто, рече Река.
Нагласи дека кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова беше против донесувањето на овој закон, додека кандидатот, кој ја има поддршката од СДСМ, Стево Пендаровски е за максимално користење на албанскиот јазик, но тој е за негово официјализирање.
Силјановска нагласи дека доколку таа биде претседател ќе ги почитува Уставот и законите. Додаде законски одредби може да се оспоруваат или поништуваат само од Уставниот суд.
Сепак нагласи дека има многу забелешки во однос на овој закон – во однос на неговата усогласенот со Уставот и Рамковниот договор, но ќе го почитува и спроведува.
Пендаровски, како што рече, е конзистентен по тоа прашање, тој закон нема никому да наштети, туку е донесен за унапредување на правата на етничките заедници.
– Станува збор за максимална екстензија во однос на т.н. јазични права на етничките Албанци. Кога давате повеќе права на една етничка заедница, а не земате од друга нема опасност од распаѓање на државата, туку на тој начин се зајакнува кохезијата и секој што и мисли добро на Република Северна Македонија би морал да води сметка за таков тип на закони, рече Пендаровски.
И тројцата кандидати велат во кампањата се обраќаат до сите етнички заедници, Силјановска тврди дека смета на гласачите Албанци, Пендаровски не ги гледа како потенцијални гласачи, а Река не сака да ги привлече само Албанците.
– Не држи тезата дека јас ги барам гласовите само на Албанците. Јас сум единствен кандидат за претседател кој на двата јазика води камања. Со Македонците комуницирам на македонски, со Албанците на албански, рече Река.
Тој одговарајќи на прашањата на новинарите негараше дека во текот на кампањата посетувал само општини каде мнозинството население се Албанци. Вели ги посетил и разговарал со граѓаните во Охрид, Велес, Прилеп, Дебреште…
Силјановска одговори дека таа се обраќа кон сите етнички заедници, не потоел собир на кој не им се обратила и на Албанците и на сите други етнички заедници, кои живат во земјава.
Смета на гласовите на Албанците, но како што вели „не на договорените од партиите, туку на гласовите на Албанците, како поединци“.
Пендаровски нагласи дека тој не ги користи Албанците само како гласачи и истакна дека Река не е единствен кој води двојазична кампања. И тој има две страници една на македонски, а една на албански. Нагласи дека отсекогаш се залагал за унапредување на правата на Албанците во земјава, поаѓајќи од конфликтот во 2001 година кога го поддржувал мирното решавање на кризата, како тогашен советник на поранешниот претседател Борис Трајковски, а и во 2004 година се залагал за децентрализација и пренос на надлежности од центрано на локално ниво.
Кандидатите говореа и за правичната застапеност на етничките заедници во институците, при што Пендаровски истакна дека таа останала на ниво од 16,7 отсто до крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Нагласи дека нема да ја следи политиката на досегашниот шеф на државата Ѓорге Иванов, кој како што рече, поради тоа што во вториот мандат не ја добил поддршката од ДУИ ги понижувал Албанците, во неговиот кабинет не предложил ниту еден, а и со години Албанец не заминувал во дипломатско-конзуларните мисии.
Река нагласи дека во претседателската трка влегува токму заради таа правична застапеност, односно да се избегне државен моноетнизам и додаде дека со тоа ќе придонесе за меѓуетничко балансирање.
-На сите три функции до 2016 година, на чело на Собранието, Парламентот и институцијата Претседател беа Македонци. Наместо за партиско и моноетничко едноумие претседателот треба да биде за демократијата во Македонија, рече Река.
Силјановска правичната застапеност се погрижила да ја примени уште во нејзиниот кабинет, но вели таа во овој контекст не сака да гледа исклучиво на етничка припадност, туку и на други квалификации, пред се стручност и компетентност.
-Правичната и соодветна застапеност е темелна вредност на уставниот поредок, но во Македонија не постои закон за правична застапеност и не можете во пракса да применувате темелна вредност во уставниот поредок, рече таа.
Според неа правична застапеност не смее да се однесува само на етничкиот критериум, рече тоа е забрането во САД, туку треба да се вклучат и лицата со попреченост, да се има предвид родовата застапеност.
-Држете ме за бесата во мојот кабинет ќе има најпрво место за жени Албанки и Македонки , но секако стручни и компетентни, нагласи Силјановска.
Пендаровски и одговори дека овие нејзини изјави се чиста политичка реторика и и забележа дека не може да повикува на правична застапеност, а при тоа Албанците да не ги повикува да гласаат за неа.
-Албанците не се нација со посебни потреби, што секако не значи дека лицата со посебни потреби не ги заслужуваат своите права, нагласи Пендаровски.
Тројцата кандидати појаснија како тие како иден претседател ќе го користат правото на аболиција, а во контекст на најавите дека Ѓорге Иванов има намера последните денови од мандатот да ги искористи за помилување на осудените за 27 април.
-Нема да амнестирам без основа и криминалци, рече Река и нагласи дека тоа право ќе го користи многу внимателни и по детална анализа со експерти.
Силјановска вели дека станува збор за реликт од некогашниот апсолутни монархии, кога последната милост се молела од кралот или кралицата и во сегашен контекст ја нарече квазисудска функција.
-Претседателите треба ретко и многу внимателно да посегнуваат по овој инструмент, затоа што тоа е нарушување на независноста на судството, особено кога се има екслузивно право за помилување, не преку Министерството за правда, рече таа.
Пендаровски истакна дека тој од претседателката функција никогаш нема да дејствува како партиски послушник и додаде дека доколку Министерството за правда не поведе постапка за помилување, тоа сам претседателот не може да го направи.
-Мојот став за помилување на лицата осудени за 27 април е јасен. Помилување може да добијат само оние кои не употребиле насилство, не носеле оружје и не биле организатори.