Река: Важно е да има цензус, граѓаните се слободни, суверени, гласањето е тајно

73

Граѓаните се слободни, суверени, гласањето е тајно и важно е да има цензус, рече пред битолчани претседателскиот кандидат Блерим Река и повика на 21 април масовно да се гласа и избира.

Оптимист сум, рече Река, кај мене владее позитивна енергија, а тоа значи дека на претстојните избори ќе обезбедиме цензус, без разлика на тоа кој ќе победи.

– Важно е да победи државата за да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Важно е масовно излегување на граѓаните на гласање, без разлика за кого ќе гласаат. Битола е еден од најубавите македонски градови, град на конзулите, град на Манаки, град на културата и затоа сакав да им се обратам на битолчани. Пријатно сум изненаден од интересот и ентузијазмот на Битолчани за мојата кандидатура и благодарам за гостопримството и убавите зборови. Мојот концепт е една Република за сите со Законот над сите. Ние можеме да експериментираме со секакви формули на владеење, но ако навистина не успееме да воспоставиме владеење на правото, тогаш се ќе биде погубно за државата. Ние немаме време да изгубиме уште 10, 20 години, бидејќи гледам во сите градови и села низ државата, сите се жалаат на иселувањето, на големиот егзодус на младите, но и на цели фамилии, а тоа го има и во Битола, ми рекоа битолчани на Широк Сокак. Мислам дека со политички, државни реформи може да се направи за младите и Македонија да ја биде, истакна Река.

Поддршка за Река побараа и лидерите на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и претседателот на партијата Движење Беса, Билал Касами.

– Им порачувам на битолчани масовно да гласаат и да го поддржат Блерим Река, бидејќи тоа е кандидат кој нуди тоа што и треба на Република Северна Македонија, а тоа е Република за сите. На државата и треба правда за сите, правда во која во 2016 година толку многу веруваа граѓаните, но за жал добивме селективна правда. Преку Блерим Река, државата ќе профункционира на друг начин, ќе биде поправедна и ќе има балансирање на властите, нагласи Села на политичкиот митинг во овој град.

Според Билал Касами, претседател на партијата Движење Беса, македонското општество може и треба да го почувствува моментот за избор на најкомпетентен претседателски кандидат, а тоа е Блерим Река.

– Се надеваме дека во време кога државата ќе стане 30-та членка на НАТО, и во време кога ќе се отворат преговорите за членство во ЕУ, ќе имаме претседател кој најдобро ќе не претставува во овие важни институции. Професорот Блерим Река е најкомпетентен да биде на чело на државата во овие важни моменти за продолжување на нашиот пат кон овие институции. Веруваме дека македонското општество го чувствува моментот да гласа за претседател, како прво и најдобро решение со што заеднички ќе докажеме дека сме подготвени да бидеме дел од ЕУ и дел од вредностите кои меѓусебе ги споделуваат државите и народите од Европа, истакна Касами.

Претседателскиот кандидат Блерим Река, освен во градот, одржа непосредни средби со граѓаните и во неколку битолски села.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...