Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) и РЕК Битола во иднина заедно ќе работат на заштита на животната средина. Денеска во Скопје е потпишан Меморандум за воспоставување стратешка соработка што ќе обезбеди помош при заштита на животната средина во Битола, Пелагонија, Република Македонија, но и регионот на Југоисточна Европа.
Меморанудмот го потпишаа извршниот директор на Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа со седиште во Будимпешта (РЕЦ) Михаил Димовски и директорот на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, Васко Ковачевски.
– АД ЕЛЕМ и РЕК Битола ги препознаваат предизвиците на новото време и во таа насока се отворени за соработката со сите домашни и странски организации кои имаат за цел унапредување на искористувањето на обновливите извори на енергија и заштитата на животната средина. РЕК Битола очекува Меморандумот за соработка со Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа да отвори нови перспективи за развој и имплементација на проекти за одржливо, ефикасно и еколошко производство на електрична енергија -изјави по потпишувањето на Меморандумот Ковачевски.
РЕЦ и РЕК Битола со овој Меморандум за соработка се обврзуваат на заедничка посветеност да ги намалат влијанијата од производствените капацитети врз животната средина и нејзина заштита и унапредување преку стимулирање на одржлив развој, особено стремејќи се кон исполнување на приоритетните цели и стратегиските определби од инвестициската програма на АД ЕЛЕМ и на РЕК Битола.
Меѓу нив се зголемено производство од обновливи извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност, модернизација на постојните објекти, воведување еколошки технологии и усогласување со националните и ЕУ стандардите и зголемена разнообразност на енергетските ресурси со зголемување на користењето на природен гас.