Револтираните граѓани ќе го блокираат Центарот за зависници во декември

На 3. декември болницата нема да работи - се заканија револтираните граѓани кои по само 20 минути ја напуштија синоќешната средба со Градоначалникот на  општина Кисела Вода, Филип Темелковски, и министерот за здравство, Венко Филипче.

293

Гневните граѓани од Кисела Вода се заканија дека ќе преземат радикални мерки и ќе го блокираат центарот за зависници, ако тој итно не се премести. Тие, по само 20 минути, тие ја напуштија синоќешната средба со Градоначалникот на  општина Кисела Вода, Филип Темелковски, и министерот за здравство, Венко Филипче. Жителите беа  дополнително револтирани поради неисполнетото ветување дека оваа установа ќе биде дислоцирана до 30. ноември.

-Не сакаме веќе да слушаме празни ветувања! Министре, само ние што живееме таму знаеме како ни е. ..Па веќе 30 години се занимаваме со овој проблем, кој ќе нè разбере нас? Кога одиме на работа ги гледаме зависниците голи како седат и се боцкаат… Доста ни е од говори, бараме конкретен датум кога болницата ќе биде дислоцирана. Доколку и овој месец нема решение, од декември болницата нема да работи, ќе излеземе на протест –  револтирано изјавија граѓаните на средбата во општината.

Министерот Филипче се обиде ја ја смири ситуацијата, информирајќи дека форум составен од експерти од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Општината Кисела Вода и Полициската станица Кисела Вода веќе една година секојдневно работи за да најде решение за проблемот.

Граѓаните веднаш возвратија дека цели 30 години властите ги лажат со разни ветувања за дислокација.

-Овојпат сме решени да одиме докрај, сè додека болницата за зависници не биде преместена од овој дел од Кисела Вода. На средбава ништо ново не кажавте, ова го слушаме 30 години наназад. Па сите градоначалници досега ни ветуваа дека болницата ќе биде преместена, но никој од нив тоа не го стори. Лага е тоа дека изнаоѓате решение, само купувате време. Ги оставивме децата дома затоа што мислевме дека од оваа средба ќе има некаков резултат, но вие не го направивте тоа. Кога вие ќе ја дислоцирате болницата, имате решение или немате, ако немате, кажете да си одиме дома. На 3. декември болницата нема да работи – се заканија револтираните граѓани.

Министерот Филипче нагласи дека болницата за зависници ќе биде со сигурност дислоцирана, но не посочи конкретна локација. Тој рече дека засега има 3 локации за кои се размислува, а постојниот објектот ќе се пренамени во поликлиника.

На протестот пред десетина дена жителите на Кисела Вода им дадоа рок на властите до крајот на месецов да го дислоцираат Центарот за превенција и третман на зависности од дроги.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...