Дваесет и два филма од минатата година ќе бидат прикажани на второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“, која под мотото „Во наш филм“ ќе се одржува од денеска до 16 февруари во Младинскиот културен центар.
Филмовите што ќе бидат прикажани се во три програмски целини – долгометражни, краткометражни и документарни. Публиката ќе има можност да ги проследи заедно со нивните автори и да учествува во дискусиите што се предвидени по проекциите кои се бесплатни.
Организатор на „Златна рамка“ е Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) во соработка со Агенцијата за филм и Младинскиот културен центар.
– „Златна рамка“ е еден вид отчет пред домашната публика, која ќе има можност да ги погледне сите домашни филмови од минатата година, од кои некои не се прикажуваат на редовен репертоар во киносалите. Домашната публика ќе има можност да ги погледне новите остварувања во македонската кинематографија, а филмските работници ќе можат да разменат мислења и искуства за нивната работа – соопшти ДФРМ.
Покрај тридневната ревија на македонскиот филм од изминатата година, на „Златна рамка” ќе бидат одржани и Свечено собрание на ДФРМ, промоција на брошурата „Прирачник за филмаџии“, презентација на МЕДИА Деск Македонија на тема „Како се евалуираат проектите на Медиа?“ и трибина насловена „Жената во македонскиот филм“.
Ќе бидат доделени и почесните награди за филмските професионалци: најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник.