Ревизијата на Неврологија за 2016 година открила сомнителни наоди

Ќе се формира работна група која треба да ја утврди состојбата со системот за спречување на кризи.

836

На денешната седница на Владата е разгледана и усвоена информацијата во врска со потребата од обезбедување на дополнителни 100 милиони евра средства за нова, петта кредитна линија од Европската инвестициска банка за финансирање на мали и средни претпријатија, со укажување на Македонската банка за поддршка на развојот во преговорите со комерцијалните банки да се заложи цената на каматата да не надмине 3,2% за крајните корисници.

Владата го разгледа Извештајот за извршената конечна финансиска ревизија на Универзитетската клиника за неврологија за 2016 година, а Министерството за здравство информираше дека Извештајот е препратен и до Финансиската полиција со цел да се утврди дали е потребна постапка по основ на одредени наоди од Извештајот.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, и го задолжи Министерството за внатрешни работи да формира работна група која ќе ја раководи претставник од Министерството за внатрешни работи и во која ќе бидат вклучени и по еден претставник од Националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за одбрана, Министерството за правда, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЗЕЛС.

Работната група е задолжена во рок од 60 дена да подготви и до Владата на Република Македонија да достави анализа за поставеноста и дејствувањето на целокупниот систем за кризи, имплементацијата на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи и да предложи насоки за реформирање на овој систем користејќи и компаративни искуства.

На денешната седница, Владата го прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Стејт департментот на Соединетите Американски Држави и Министерството за образование и наука на Република Македонија за Фулбрајт програмата за академска размена.

Целта на овој Меморандум за разбирање е да се зајакнат и развијат врските меѓу учесниците во процесот на спроведување на програмата Фулбрајт за академска размена во областа на образованието, науката и истражувањето врз основа на околности што носат бенефиции за двете страни.

Владата на оваа своја седница ја разгледа информацијата за Повикот за свикување на Собрание на Македонски Телеком АД – Скопје, закажано на 16.04.2018, и донесе заклучоци за точките од дневниот ред на седницата на Собранието на акционерското друштво Македонски Телеком.

На денешната 63. седница Владата ја отпочна постапката за формирање работна група за утврдување на програмата за одбележување јубилеј 1000 години од формирањето на Охридска Архиепископија, на предлог на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.

Владата денеска разгледа и донесе повеќе одлуки за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во вежбовни активности, како што се „COMBINED RESOLVE-X“, во Сојузна Република Германија, „BGR-MKD SOF JCET 18“, во Република Бугарија, „BGR-MKD SOF JCET 18“, во Република Бугарија, „EAGLE-VI, во Република Косово, и на вежбовната активност „ADRIATIC STRIKE 2018“, во Република Словенија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...