Ребаланс на буџетот

Крајната перцепција за ребалансот е дека тој е направен во периодот кога формално немаше министер за финансии и е доставен за усвојување во Собранието. Тоа значи дека новата министерка за финансии немаше време и можност да стави личен печат и удел во подготовката на ребалансот. Но, за тоа ќе има убава можност при изготвувањето на буџетот за наредната, 2020 година.

1644

Буџетот на државата е огледало на приоритетите на оние кои што ја добиле довербата на граѓаните да раководат со државата. Тој е одраз на целите што се сака да се постигнат и на економските политики што се користат за таа намена.

Втората половина од годината стана период кога, по правило, во нашата земја се прави ребаланс на буџетот на државата. Од 2008 година наваму, со исклучок на само една година, 2011 година, во сите други години е направен ребаланс на буџетот. Тоа значи дека приходите или расходите во буџетот не се остварувале согласно проектираното за календарската година, биле повисоки или пониски од проекциите и морало да се направи приспособувањето. За жал, ваквата практика покажува дека фискалните власти во земјава, без оглед на тоа кој управувал со финансиите на државата, во континуитет имале проблем со планирањето на приходите и расходите во државниот буџет. Оттука, првата перцепција за ребалансот на буџетот што во моментов е во собраниска процедура, е дека треба да се зајакне капацитетот на Министерството за финансии за буџетско планирање. Притоа, за поголема економска стабилност на земјата и долгорочна одржливост на економскиот раст потребно е фокусот да се стави на среднорочното планирање на буџетот.

Втората перцепција за ребалансот е дека носителите на економските политики задржуваат високо ниво на оптимизам, но и доза на внимателност. Очекувањето на Владата за економскиот раст во 2019 година е зголемено од 3,2% на 3,5%, со што се израмнува со очекувањата на Народна банка, но е пооптимистичко од предвидувањата на меѓународните финансиски институции. Дозата на внимателност се рефлектира во тоа што со ребалансот не се предвидува зголемување на иницијално проектираниот буџетски дефицит и тој останува на истото ниво од 2,5% од БДП.

Во однос на финансирањето на буџетскиот дефицит, со ребалансот се намалува иницијално предвиденото користење на средства од странски извори за 243,9 милиони евра, што се компензира со повлекување и користење на депозитите на државата во износ од 240,5 милиони евра. Тоа значи дека ребалансот не предвидува значителни измени кај нето задолжувањето на државата од домашни извори, што значи дека нема да има „ефект на истиснување“.

Третата перцепција за тековниот ребаланс на буџетот е дека во основа се работи за кратење на средствата предвидени за капитални инвестиции, за 53,4 милиони евра и нивно пренасочување за други буџетски намени. Вистинска штета е што државата не ги користи постојните пазарни околности, во кои каматните стапки се на историски најниско ниво, за да финансира и реализира капитални инвестиции во што поголем обем. Притоа, државата мора да расчисти со прашањето на лоша реализација на капиталните инвестиции, кои во првите осум месеци од годинава се реализирани само 28,2% од износот проектиран за целата година. Мора да се знае дали ваквата повеќегодишна тенденција се должи на лошо испланирани проекти или на лоша реализација. Отстранувањето на причините за слабата реализација на капиталните инвестиции мора да стане врвен приоритет за секоја Влада во земјава затоа што ваквата ситуација резултира со помали приходи на домашните компании изведувачи на инвестициите и влијае во насока на забавување на економскиот раст на земјата. Од друга страна, охрабрува сознанието дека македонската економија успева да произведе широко дисперзиран раст повисок од 3% и со многу пониска реализација на капитални инвестиции од првично предвиденото.

Четвртата перцепција за ребалансот е дека во него се препознава потребата од зголемена помош за приватниот бизнис сектор. На пример, зголемен е износот на државна помош за Фондот за иновации и технолошки развој и за Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. Исто така, во ребалансот се вградени 6,5 милиони евра за најавената нова владина мерка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за зголемување на платите до 100 евра по вработен. Со ваквите средства делумно се компензира неповолниот ефект за приватниот бизнис сектор од нереализирањето на предвидените капитални инвестиции.

Петтата перцепција за ребалансот е дека средствата скратени од капиталните инвестиции се пренасочуваат за субвенции и социјални трансфери. Всушност, значаен акцент се става на зголемување на платите, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Тука се наметнуваат неколку поенти. Зголемувањето на платите позитивно ќе влијае во насока на намалување на нееднаквоста на приходите којашто се профилира како сериозен и долгорочен проблем за македонското општество. Зголемувањето на платите во државниот сектор се случува на ад-хок основа и останува нејасно дали тоа се должи на анализа што упатува дека ваквото зголемување е поврзано со позитивни промени кај продуктивноста на вработените. Конечно, зголемените плати ќе ја зголемат личната потрошувачка како важен елемент на расходната страна од БДП. Колку зголемувањето на платите ќе има позитивно влијание врз економскиот раст на земјата ќе зависи од тоа колку зголемениот износ на плата се користи за купување на домашни производи.

Крајната перцепција за ребалансот е дека тој е направен во периодот кога формално немаше министер за финансии и е доставен за усвојување во Собранието. Тоа значи дека новата министерка за финансии немаше време и можност да стави личен печат и удел во подготовката на ребалансот. Но, за тоа ќе има убава можност при изготвувањето на буџетот за наредната, 2020 година.

(Авторот мр Зоран Јовановски е Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања)

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...