РЕАКЦИЈА Петар Богојески: „Македонски концепт“ не е акција на СДСМ

Во целост и со резигнација ги отфрлам сите шпекулации дека нашата политичка и граѓанска иницијатива Македонски концепт има каква било релација со СДСМ или со кој било функционер од владеачката коалиција, а уште помалку дека таа е дел од некаква „акција на СДСМ“, наведува Богојески во реакцијата.

1639
Петар Богојески испрати реакција на колумната на Бранко Героски под наслов „Политичка алтернатива ќе има и таа жестоко ќе ве погоди, другарчиња!“. Реакцијата на Богојески ја објавуваме во целост:
Почитуван г-дин Героски,
со внимание ја прочитав Вашата колумна под наслов „Политичка алтернатива ќе има и таа жестоко ќе ве погоди, другарчиња!“ објавена на 05.10.2019 година на Плусинфо. Искрено го уважувам правото на новинарите да ги коментираат и анализираат сите настани и процеси во општеството кои ги сметаат за релевантни и од јавен интерес. Давам огромна поддршка за вашата работа и го респектирам вашето големо новинарско и уредничко искуство. Без да навлегувам во останатите аспекти на анализата – право на новинарот е да ги изнесува и опсервира настаните од своја перспектива – сепак принуден сум да реагирам на дел од изнесените констатации, меѓу кои има и такви кои нималку не кореспондираат со реалноста.

Имено, во еден дел од колумната вие велите, цитирам „Дел од акцијата на власта е и обидот да се разгорат конфликтите во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со цел да дојде до отцепување на една фракција во посебна политичка партија, наречена Македонски концепт.“

Во целост и со резигнација ги отфрлам сите шпекулации дека нашата политичка и граѓанска иницијатива Македонски концепт има каква било релација со СДСМ или со кој било функционер од владеачката коалиција, а уште помалку дека таа е дел од некаква „акција на СДСМ“.

Понатаму велите: „На чело на таа фракција, како што е познато, пропагандата на СДСМ би сакала да го види успешниот кавадаречки градоначалник Митко Јанчев, заедно со Никола Тодоров, со поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски, а можеби и со сегашниот – Никола Димитров.“

Исто така, морам да нагласам дека спомнатите лица од ваша страна, од кои некои, како господинот Јанчев, исклучително ги почитувам, не се дел од нашата иницијатива, без оглед каде, како што велите, „пропагандата на СДСМ би сакала да ги види“. Тоа се некоректни подметнувања.

„Македонски концепт“ не е политичка партија, туку отворен граѓански активизам во кој може да се вклучат поединци, граѓански и политички организации, религиозни заедници и сл. Сите на рамноправни основи, но со иста идеја – поддршка за државноста на Македонија, нејзината благосостојба, слобода и правда. Основна нејзина цел е постигнување просперитетна и бескомпромисно интегрирана граѓанска држава и нација на богати граѓани, кои ќе живеат во фер општество во кое ќе има шанса за секого и во кое ќе царуваат правото и безбедноста. Сечиј придонес во таа насока ни е добредојден.

Оваа наша политичка иницијатива, меѓу другото има за цел да го подигне нивото на комуникација во македонскиот јавен простор, да се намали степенот на дезинформации, паушални етикетирања и дезавуирања, што сега е масовна појава, на која гледаме, не се имуни ниту искусни и докажани новинари како Вас. Токму во таа насока е и оваа моја реакција до Вас.
Со почит,
Петар Богојески
П.С. Оваа моја реакција, можете да ја пренесете како официјален став во името на Македонски концепт, чиј идеен автор сум јас.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...