– Страшната вест за пожарот што ја опустоши катедралата Нотр Дам, симболот на христијанството во Франција и светот, во Светата столица е примена со шок и тага, истакна Џизоти.
Тој додаде дека молитвите на Ватикан се со француските католици, граѓаните на Париз, како и со пожарникарите.
Поради пожарот во париската катедрала се огласи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Сите граѓани на Србија се тажни поради Нотр Дам. Ние сме со нашите француски пријатели и подготвени сме да помогнеме во обновата на тој симбол на француската и светската цивилизација, напиша Вучиќ на Твитер.
Претходно пораки со поддршка испратија и американскиот претседател и неговиот заменик, Доналд Трам и Мајк Пенс, како и првата дама на САД, Меланија.
Додека претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск на Твитер на француски јазик напиша: „’Наша дама’ припаѓа на сите Европејци“.
– Вечерва мислиме на Париз, место на таква убавина и историја, напиша на Твитер српската премиерка Ана Брнабиќ.
Порака со поддршка испрати и градоначалникот на Лондон, Садик Кан.
– Срцепарателни сцени од Катедралата Нотр Дам во пламен. Лондон денеска тагува со Париз, посочи Кан.
Поради пожарот во катедралата Нотр Дам на Твитер поддршка изрази и портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел.
– Болат овие страшни слики на Нотр Дам во пожар. Нотр Дам е симбол на Франција и на нашата европска култура. Нашите мисли се со француските пријатели, напиша Штефен Зајберт на Твитер.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас, исто така на Твитер, напиша дека пожарот во париската катедрала „ги погоди срцата на Германците“.
И генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле наведе дека организацијата на Обединети нации ќе биде со Франција во процесот на обнова на катедралата, која претставува непроценливо наследство.