Во своите „Мали спомени“, големиот португалски писател Жозе Сарамаго ја раскажува неверојатната приказна како го добил своето презиме. Кога дошол на свет, во раните дваесетти на минатиот век, во едно мало селце по име Азињага, татко му морал да оди дури до административниот центар на областа за да го запише новороденото дете во матичната книга. Матичарот, кој ги познавал луѓето од селото, веројатно под дејство на алкохол, решил до името што му го издиктирал таткото – Жозе де Соуза, сосем на своја рака и вон памет, да го допише погрдниот прекар што семејството го носело во своето село – Сарамаго, што значи „трупка“ или „рдоква“. Оваа пијана подлост на матичарот не била откриена цели седум години, кога – при запишувањето во училиште – на малиот Жозе требало да му се извади матичниот лист.
Но, приказната не завршува на шокот и понижувањето што го доживеал татко му во тогашното патријалхално општество, туку се развива во сосем неверојатна насока: бидејќи Португалија веќе станувал фашизоидна диктатура што со пререгулација воведувала тоталитаризам, станало сомнително како тоа татко му се шета слободно со истото име – Жозе де Соуза, а син му се презива Сарамаго!? И, како и во сите драми на апсурдот, за се да биде по закон и пропис, на кутриот татко не му преостанало ништо друго, туку и тој да се прекрсти во Жозе де Соуза Сарамаго! На крајот, како ја заклучува оваа драма генијалниот писател во своите спомени, пишувани во самата приквечерина од животот? „И така, благодарејќи и по се изгледа на божествената интервенција, а тука, се разбира, мислам на Бахус, богот на виното и на оние што го уживаат без мерка, немав потреба подоцна да го измислувам псевдонимот со кој ќе ги потпишував своите книги.“
Нема ништо свето во имињата
Мислам дека нема поубава приказна, почитувани читатели – и, попоучна! – што зборува за имињата и идентитетите, суштината и нејзините означувачи. Нема ништо свето во имињата: тие се најчесто плод на историски случајности, произволности, чудни и непредвидливи околности, а како што видовме, и на смешни и трагични апсурди. Моќната поука на оваа спомен-приказна е дека суштината на работите е во нивниот квалитативен „полнеж“, во нивната содржина, во вредностите што ги носат, во нивните способности, дела, во богатството на доблестите и пораките што ги носат со себе, а не во нивните имиња.
Така што, мислам дека Македонија си го губи времето занимавајќи се упорно и опсесивно со географската референца пред името – наместо со сериозно разнишаните фундаменти на државноста и културата. И дека најдобриот начин да се гледа на ова прашање е оној погоре, на големиот Сарамаго, кој од неговите демиуршки височини – не може појасно! – ни ја сликуваше тривијалноста и апсурдноста на случајот со неговото име, во споредба со грандиозноста на неговата личност, дело и животен пат.
А кога го споменав животниот пат, да додадам: да, целата епопеја на спорот со името, евроатлантските интеграции и огромните проблеми што ги имавме во врска со нив, сето тоа е драма на одбирот на вистинскиот пат за Македонија, на патот на животот. Во таа драма воопшто не се работи за одбир помеѓу борба и капитулација, патриотизам и предавство, или други трици и кучини, малоумштини и отровни лаги, што ги продуцираат ѓаволовите претставници во земјата – тврдокорните вмровци и на нивниот композитум налепените будалетинки.
Не, се работи за одбир помеѓу сигурна пропаст, или поточно – сигурно пропаѓање на Македонија во корупциска, мафијашка, ултранационалистичка и фашистичка партиско-бандитска вертикално надолна траекторија, како што, конечно, тоа ѝ се случуваше целата деценија под власта на ВМРО, или пат кон стабилност, гарантирана безбедност и просперитет во заедницата на европските народи. Колку човек треба да биде глуп или зол, тап и конфузен, плиток и занесен, или заслепен од нарцисизам и омраза, а да не го препознае единствениот пат што му овозможува јасни можности за живот и благосостојба?
Ментално осиромашен вмрониум
Џабе му е на тој и тој (името му го забравих), што толку патувал по развиениот свет, рекол веројатно Сократ во еден од големите Платонови дијалози, доколку ме служи сеќавањето, што му вреди што се нагледал свет, кога тргнал и цело време шетал тегнејќи погрешен багаж со себе! Што зборуваш глупости, о, Сократе, го прашале соговорниците, згадени од Сократовите претерувања, каков е тоа багаж што може да го направи патувањето залудно? А Сократ им одговорил дека багажот поради кој човекот немал никаква полза од патувањето по светот е тој самиот – човекот секаде се носел себе си! Тоа значи дека будалетинка не само што не може да го препознае патот, туку нема ни да го изоди, а, ако го проталка, ќе се врати иста будалетинка каква и што тргнал.
Марко Цепенко запишал дека Прилепчаните имале за таа појава една лапидарна изрека: магаре во Прилеп, магаре во Беч. Македонскиот погрешен багаж, тој кофер полн со радиоктивен ментално осиромашен вмрониум, тој товар што не ни дава да зачекориме во пресрет на сопствената подобра иднина, тоа е, се разбира, партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзините криминални инсталации во државните институции и македонското децениски кретенизирано општество.
Дали, конечно, отвореното но подло опструирање на преспанскиот договор и на сите евроинтеграциски македонски аспирации од страна на ВМРО, на нашите власти и на чичковците и тетките од ЕУ, САД и НАТО ќе им помогне да ја сфатат вистинската природа на ВМРО? Дека се работи за нелегална партија и злосторничко здружување што треба да се избрише од регистарот на партии, дека се работи за политички и финанскиски криминална партија чијшто имот треба да се заплени од страна на државата, а сите одговорни за криминали, од сите раководни ешалони, а не само првите неколкумина, кривично да одговараат за своите недела!
Па, ако тоа прогледување биде единствената добивка од референдумот, не ќе биде за џабе!