Размена на ставови и концепти за случувања околу Македонија и Европа беа главни теми на денешната посета и средба на високиот советник на Европската комисија Рајнхард Прибе со градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи.
По средбата во зградата на локалната самоуправа во Тетово изјава за медиумите даде само градоначалничката Арифи.
– Извештајот на денешниот гостин на Тетово Рајнхард Прибе е многу значаен за напредокот на Македонија, но и нејзината ориентација за европски напредок. Тој во Тетово престојува и како гостин професор на еден од нашите универзитети. Ќе му доделиме признание поради напредокот што го имаме околу европските прашања. Нормално останува да покажеме активности и ангажман и како држава и како општество што побрзо да ги постигнеме стандардите на Европската унија – изјави Арифи.
Во однос на исполнување на препораките од извештајот на Прибе во пракса во Македонија, Арифи посочи дека тоа било увидено при последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, преку позитивната оценка и безусловна препорака за старт на преговорите на наше зачленување во унијата.
– Во јуни го очекуваме и состанокот на министрите од земјите членки на ЕУ, но начинот и тенденциите што ги гледаме кај нас се позитивни и очекуваме дека не само што ќе останат такви туку уште повеќе ќе се унапредат – рече Арифи.