Унгарскиот политички аналитичар Андраш Рац од „Политикал Капитал“ во интервју за Евроњуз изјави дека нема докази дека животот на Никола Груевски е под закана ако биде вратен во Македонија.
– Нема никаков јавно достапен доказ кој го поддржува тврдењето на унгарската влада дека животот на Груевски би бил во опасност ако е вратен, не сме виделе никаков јавен доказ за такво нешто – посочува тој.
Аналитичарот Рац вели дека легално унгарската влада има право да му одобри азил на поранешниот премиер.
– Меѓутоа ова барање за азил беше процесуирано со извонредна брзина и важно е да се каже дека самиот Груевски беше шверцуван низ цел Балкан од унгарските дипломатски служби, објаснувајќи го начинот на кој Груевски пристигнал до Будимпешта откако ја преминал албанската граница – оценува Рац.
Целиот процес е невообичаен и контрадикторен како за интересите на Унгарија како земја членка на ЕУ и НАТО, така и за билатералните односи со Македонија, вели унгарскиот аналитичар.