Специјалната обвинителка Катица Јанева е сместена на најдобар начин на кој ние можеме да сториме, вели директорот на истражниот затвор Скопје, Есад Рахиќ во интервју за Радио Слободна Европа што в целост ќе се емитува в недела.
Јанева не е сместена во женското одделение, туку е во посебен оддел поради безбедносна проценка на затворската управа.
– Во принцип ниедно притворено лице не е само. Секогаш мора да има уште еден. Меѓутоа, со оглед на тоа дека станува збор за личност која била специјален обвинител, од посебен општествен интерес, и бидејќи тоа е така брзо направено, ние сметавме дека во еден временски период ние треба да направиме комплетна проценка од безбедносен и здравствен аспект – вели Рахиќ.
Тој додава дека сега во притворот има 18 жени, што е најголем број на притворенички досега, а затворот Шутка е ограничен со капацитетите за сместување.
– Тоа се поголеми одаи, да не речам ќелии во кои има по 4, 5 до 6 жени. Знаете, малку е незгодно, има различни профили на жени, имате женски лица осудени за убиства, имате за изнуда, малку е тешко да вклопите еден таков профил како Јанева меѓу тие лица. Но ние си ја вршиме нашата работа, таа е сместена на најдобар начин на кој ние можеме да сториме – вели Рахиќ за РСЕ.