РАФАЛ Што сакаше, а не успеа да скрие Груевски?

Да не заборавиме. Не е исклучена можноста и Груевски да биде дел од цунамито од амнестии. Со баснословното богатство што го присвои (украде) за време на своето „дил-ориентед“ владеење може да прави што сака, без оглед на тоа дали ќе биде ослободен или ќе помине некое време во „хашка соба“ во затворот, со максимум погодности. Дали, во таква ситуација, неговата сопруга ќе добие соодветна законска заштита од него и неговите бабуни, останува да видиме. Наскоро...

4765

Баш сакав деновиве да пишувам за вистинските причини зошто Никола Груевски, познат и како Грујо Серекеш, планира „доброволно“ да се врати во Македонија, тој се јави со (нарачано) интервју за Сител (а за кого друг?). Да се разбереме, секогаш останува можноста, во последен миг, тој да се исплаши, па да избега во земја во која ЕУ инструментите на правдата не функционираат. Но, нештата се многу покомплицирани отколку што тој сака да ги прикаже.

Во интервјуто за Сител, Груевски открива и нешта што не сака да ги открие, иако на поставените прашања одговара во ребуси или директно одби да одговори. Онаков, испотен, стиснат во оделцето и смешната кравата, тој даде едно релативно кратко, навидум многу здодевно и празно интервју. Сепак…

Грујо Серекеш не успеа да скрие дека се чувствува напуштен. Иако во еден момент тврди дека 90 проценти од луѓето сѐ уште му се лојални, во одговор на друго прашање вели дека барем половината од тие на кои „се заборавил од помагање“ го изневериле.

Забележлив е неговиот презир кон Зоран Заев и кон сите успешни приказни на Македонија, нарекувајќи ги со добро познатиот арсенал од клевети што ги произведе неговата агитпроп машинерија. Груевски не се стеснува да лаже за сите работи за кои беше прашан од љубезната новинарка на телевизијата што цела деценија ја користеше неговата огромна „дарежливост“ (со наши пари). Се разбира, тие му возвратија со бескрајна лојалност, по цена на тоа да станат „куртон“ телевизија (израз на нивната уредувачка „ѕвезда“ Латас).

Груевски очигледно лаже дека заминал сосема „едноставно“ од земјата, што се гледа и од начинот на кој раскажува за тоа. Реди настани како да прераскажува виц што не го запомнил добро. Неговата прикаска е површна, лишена од детали, недоследна и полна со дупки. Со стиснати усни и презрива насмевка решително одрече дека власта му помогнала во бегството што самиот го нарекува „заминување“.

Во два наврати ја предизвика власта да открие како го извел бегството. Се потруди да звучи што е можно поубедливо кога обвини дека власта се спремала да го ликвидира во затворот. „Сигурни информации од сигурни луѓе“ му кажале дека ќе го убијат во затвор, не веднаш, туку по некое време.

Тоа што за јавноста е помалку познато е дека Груевски ќе се врати поради нешто сосема лично. По крајно недостоинственото бегство во гепек, од подземната гаража под зградата каде што живее на ул. Бихаќка, тој веднаш сакал да ги повлече и своите деца во Будимпешта. Не и неговата сопруга со која подолго време е во лоши односи и која трпела насилство од него.

Непосредно по бегството, неговата сопруга била под силен притисок и закана да ги испрати и своите деца во Будимпешта. Мајчинството во неа не ѝ дозволило да се откаже од децата по ниедна цена, поради што побарала заштита од властите. И ја добила.

Затоа, „патриотот“ во бегство, на кој може да му биде откажано гостопримството во Орбанистан (под притисок на Брисел), а дестинациите на Истокот не му се најсигурна опција, може во еден миг да сфати дека враќањето во Македонија му е најразумно решение. Тој знае дека, по срамното бегство, уште посрамно ќе биде да биде екстрадиран назад.

А во Македонија ќе може барем да си ги гледа децата редовно. Може да напише и мемоари во Шутка што потоа може добро да се продаваат како извонредно лошо, но комично четиво. А може да нарача и добро да плати некој рент-а-писател да напише и пристојно четиво.

Сериозно, Груевски е во многу потешка ситуација уживајќи во „азилантската слобода“ отколку што би бил во затворскиот комфор што го чека овде, наспроти неговата крајно неубедлива лага дека му се спремало убиство во затвор. Можеби во своите „мемоари“ или во наредно интервју за „куртон“ телевизијата Сител ќе откриеме дека неговата безбедност е во прашање токму сега во закрила на „азилантската слобода“ во Будимпешта, а можеби уште повеќе ако отиде на Исток. Криминалци од рангот на Грујо Серекеш никогаш не се безбедни. Најголема е веројатноста дека ќе биде безбеден токму зад решетки. Се разбира, освен ако не дојде во допир со некоја од своите безбројни жртви…

Да не заборавиме. Не е исклучена можноста и Груевски да биде дел од цунамито од амнестии. Со баснословното богатство што го присвои (украде) за време на своето „дил-ориентед“ владеење може да прави што сака, без оглед на тоа дали ќе биде ослободен или ќе помине некое време во „хашка соба“ во затворот, со максимум погодности. Дали, во таква ситуација, неговата сопруга ќе добие соодветна законска заштита од него и неговите бабуни, останува да видиме. Наскоро…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...