РАФАЛ Политичка хаварија на островот преполн со гладни змии

Кога го имате Мицкоски и неговите лајтнанти на политичката трпеза, заклучувате дека Груевски е лик што, сепак, имал (малку) сенс и за политика, не само за организирана пљачка на јавните пари за време на неговото налудничаво и насилничко владеење. Во еден миг, ќе слушнеме дека дури и Груевски го моли Мицкоски да се вразуми, но ќе биде предоцна. Со ова тврдоглаво и слепо јурење низ вртоглавата политичка реалност во Македонија, ВМРО ги прекинува и последните контакти со реалноста и останува на својот остров преполн со гладни змии. Како што би рекла една госпоџа – тажно! Но и опасно.

813

На една тет-а-тет средба со премиерот Заев, речиси веднаш по воспоставувањето на владата, една од четирите теми за кои разговаравме беше очекувањето правдата да биде задоволена час поскоро: носителите на криминалниот режим да одговараат.

„Друже, никогаш, на ниеден начин не мислам да се одмаздувам. Нема да се мешам во судските процеси, ниту ќе вршам притисок. Не сум Груевски и немам намера да бидам. Режимот ќе го победиме низ процес и со законитост. Тоа нема да биде брзо, но правдата ќе биде задоволена“ – ми рече.

Сѐ уште имаше видлива лузна од нападот на Собранието на 27 април, минатата година.

Режимот сѐ уште е жив

За само една и пол година, премногу вода протече под гротескните мостови над Вардар. Надојдените политички води често се закануваа дека ќе нѐ поплават. Земјата е премногу мала и сиромашна, со сѐ помал број жители, за да издржи толку турбуленции, да добие толку ветувања, да има толку надежи и речиси исто толку разочарувања. Но, некако се турка… Со многу препнувања и трк во место… Многу настани и причини за славење, но и големи грешки, намерни и ненамерни, некои и со епски размери.

И, ете, уште не се прибравме од едно, а веројатно ќе треба да одиме на ново гласање. А потоа уште едно напролет. Со сите тешки системски фелери на таа патека до избирачките места…

Една од најчестите констатации на луѓето со кои се среќавам оваа година е дека режимот на Груевски сѐ уште е жив и дека неговите луѓе грчевито ги бранат своите позиции, менуваат капи, се премачкуваат со разни бои, а некои добија потврда на нивните позиции, ако не и дополнителна моќ.

На улица, на состаноци, на настани, луѓето не пропуштаат да го искажат своето разочарување од бавноста на реформите, коруптивните скандали, сјаши-Курто-узјаши-Мурто симптомите. Се чини дека тоа најмногу се должи на предолгиот период во кој осомничените, Груевски и неговото криминално здружение, уживаат во својот продолжен политички живот, особено преку своите марионети како Мицкоски.

Долга е раката на ВМРО, но…

Сега, кога е сосема извесно дека Груевски, сепак, ќе го гледа светот од внатрешната страна на затворските ѕидови, ќе настапи период на пресметки за преживување во новите услови. Еден од двајцата главни ликови на Фамилијата е нокаутиран, деновиве ќе паднат уште неколку пресуди, меѓу кои и една за уплаканата „никогаш не сум вршела притисок“ – Гоца Шлем. За голем дел од останатите, вклучувајќи го и Братучедот, се водат судски процеси или се привршуваат истрагите во СЈО. Сега треба да се преживее. Тоа нема да биде многу тешко, бидејќи владата на Заев и онака не се однесува одмазднички.

Што се случува во грдата палата на гревот и глупоста, веќе одамна не е тајна. Мицкоски е во грч. Тој недоветен политичар ќе ја заокружи политичката хаварија на најголемата опозициска партија. Кога се прават споредби меѓу него и неговиот ментор, се вели дека за разлика од Груевски кој е промислен криминалец со план, некој што ги употребува политичките флоскули и национализмот за свои цели, а дека Мицкоски верува во сето тоа. Овие двајца создаваат една одлична драмска ситуација за секој комедиограф во иднина, но во сегашноста и двајцата се на по една страна од истата паричка.

Краците на режимот се долги, заплеткани и бројни, нели, „долга е раката на ВМРО“. Тие (уште еднаш) го покажаа и го истурија сиот радикализам во текот на референдумскиот процес, но на тој начин се разобличија и самите себе си и своите спонзори. Оваа земја многу пати ги искуси тешките последици од нивната незаситност за моќ. Видовме дека можат да одат многу далеку и бидат невидено брутални. Нападот на Собранието во 2017-та е само еден од многубројните примери за суровото лице на една клептократија во залез.

Но, таа долга рака стаса и до самото ВМРО, така што сега партијата е потресена од уште една чистка. „Организацијата е народот и народот е организацијата“ е експресија на една длабоко конспиративна и заканувачка позиција, нешто што нема врска со граѓанското организирање во политички партии. Поаѓајќи од овој став, Мицкоски и неговите налогодавачи од сенка, наскоро и од ќелија, ќе продолжат да му задаваат удари на секој обид за демократизирање на ВМРО.

Чистките во ВМРО

Во минатото, чистките и внатрепартиските пучеви во ВМРО често биле придружени со долги цевки што, за среќа, не испукале (многу) куршуми (сѐ уште), но биле дел од начинот на „комуницирање“ на политичките ставови, поточно, апетити. За сега, Петар Богоевски и неговите колеги, реформатори и модерни политичари од редовите на ВМРО, се истиснати. Многу други „здрави“ кадри, но и ултра-радикали кружат околу тронот на моќта во најбогатата политичка партија во Европа, иако, контрадикторно, има и дебела хипотека за зградата на седиштето.

Како и да се развива тревожната и комплицирана приказна на ВМРО, едно стана јасно во овој период – некогаш монолитната структура со карактеристики на милитантна (и криминална) организација е разединета и разнишана.

Кога го имате Мицкоски и неговите лајтнанти на политичката трпеза, заклучувате дека Груевски е лик што, сепак, имал (малку) сенс и за политика, не само за организирана пљачка на јавните пари за време на неговото налудничаво и насилничко владеење. Во еден миг, ќе слушнеме дека дури и Груевски го моли Мицкоски да се вразуми, но ќе биде предоцна. Со ова тврдоглаво и слепо јурење низ вртоглавата политичка реалност во Македонија, ВМРО ги прекинува и последните контакти со реалноста и останува на својот остров преполн со гладни змии. Како што би рекла една госпоџа – тажно! Но и опасно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...