РАФАЛ Долг е патот до Норвешка

Функционирање на владата не значи амнестија за криминалците. Технички и административно добро спроведени избори не значи дека тие се и слободни, фер и демократски. Значи, мора да се засукаат ракавите и да се почне со работа. „Тато ја смени сијалицата!“

926

Кога човек тргнува на пат, треба да направи математика. Еве една интересна, „демократска“ математика. Долг е патот до Норвешка, но скок од десет места за Македонија (за една година) на Индексот на демократија на британскиот „Економист“ со освоено 78-мо место од 167 земји е добар почеток. Можете да погодите, Норвешка е на прво место, како најдемократска земја, според овој опширен Индекс на демократијата на 68 страници.

На тој врв, оваа скандинавска земја е во пријатното друштво со Исланд, Шведска, Нов Зеланд и Данска, пет од 21 земја со „целосна демократија“ во која живеат само 4,5 отсто од луѓето на оваа планета. Без многу бранувања, западноевропските земји, како и неколку прекуокеански земји како Канада и Австралија се меѓу првите десет најдемократски земји во светот веќе долго време.

Ако е за утеха, Македонија е на самата граница да прејде од (сегашната) категорија „хибридни режими“ во категоријата „демократии со недостатоци“ каде што се наоѓаат Словенија, Бугарија, Хрватска, па и Белгија и САД. И Унгарија е во таа категорија, со тоа што бележи пад во својата категорија. Пред Македонија, чиј индекс е 5,87, во категоријата „хибридни режими“ се (само) Ел Салвадор (5,96) и Албанија (6,98). Норвешкиот индекс е 9,87. За споредба, индексот на Македонија пред 10 години бил 6,21 со повеќе од триесет места подолу на листата.

Без оглед на тоа што ќе каже некој за тоа дали и колку може да погреши еден британски „Економист“ при оваа сложена операција за „мерење“ на демократијата, ова е значаен инструмент што не отстапува многу од оние на меѓународните институции што се занимаваат со исти и слични анализи. Ова е навистина значаен напредок за сите нас, свртени со грбот кон Северна Кореја, на последното 167-мо место и Русија што е на 144-то место во категоријата „авторитарни режими“.

Оценката и рангирањето се прават врз основа на индикатори во пет области. Така, Македонија ќе добие највисока оценка кај „Политичката култура“ со индекс 6,67, а најниска кај „Граѓанските слободи“ со 3,75. „Функционирањето на Владата“ е оценето високо и тоа со 6,5, а веднаш потоа доаѓаат „Изборниот процес и плурализмот“ (5,87) и „Политичката партиципација“ (6,67).

Ако ништо друго, овие категории можат да послужат како извонреден водич во следењето на состојбите, не само за аналитичарите и сите фолиранти и фејкери што се претставуваат како такви, туку и за секој заинтересиран „минувач“ низ турбулентното македонско поднебје. И јас и вие можеме да ги спориме или одобриме оценките дадени за функционирањето на владата, а уште повеќе за политичката култура, но некои факти се неспорни, без оглед на тоа колку сакаме да бидеме остри критичари или неутралци (со и без наводници).

А сега, по оваа весела, демократска „математика“, редно е да „репетираме“ и да го испукаме денешниот „рафал“…

По големата победа во Парламентот, каде што се заокружи најтешката фаза од процесот на решавање на проблемот со името, подеднакво тешка, ако не и потешка и далеку позначајна задача е Македонија да се извлече од категоријата „хибридни режими”. Без демократија нема живот. Напредок без демократија не е напредок. Без неа, нема човекови права и слободи, нема ни владеење на правото и обратно. Тие се меѓусебно поврзани и сите заедно обезбедуваат подобар и подостоинствен живот за сите. Така стои во секоја демократска читанка на чии страници нема место за цркви и џамии.

Говорот на омразата не само што не е слобода на изразувањето, туку е нејзина остра спротивност. Лажните вести и спиновите, национализмот, омразата и поделбите доминираат во јавноста и во медиумите. Со промовирање на антицивилизациски и антиевропски вредности нема да изградиме политичка култура. Политичкото пазарење зад затворени врати не е ниту политичка култура, ниту политичка партиципација. Функционирање на владата подразбира и посветеност и решителност, а не само транспарентност. Функционирање на владата не значи амнестија за криминалците. Технички и административно добро спроведени избори не значи дека тие се и слободни, фер и демократски. Значи, мора да се засукаат ракавите и да се почне со работа. „Тато ја смени сијалицата!“

Сево ова е потсетник за сите нас, а најмногу за политичарите на власт и во опозиција. Да видиме како ќе продолжат. ОК, за некои и знаеме како ќе продолжат, бидејќи се очајни, но никој од нас не смее да си го дозволи луксузот да ја игра нивната игра. Треба да ги ставиме во стариот куфер на минатото и да тргнеме храбро кон иднината, без штетен и непотребен багаж.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...