РАФАЛ: Бесплатни радикали во антимакедонска офанзива

Тие што крадеа, тепаа, прогонуваа и убиваа, сѐ уште се на слобода и водат кампања против слободата и прогресот. Тоа е вистинското наследство што ни го оставија - корумпирано, теледиригирано судство и уништени институции. И квичат по улиците дека биле жртви на полициска бруталност. Со фотки од Северина. И со очигледна завист и фрустрација што не им успеваат смешните обиди да ја копираат Шарената револуција.

775

Немаат ништо друго. Затруjа генерации млади луѓе со говорот на омраза на улица и во медиумскиот простор. Сега се во нова офанзива… Националисти е преблага квалификација за нив. Тешко е да се опише нискоста на овој вид политичка борба. Отров. Инфекција. Такви описи се поблиски до тоа низ што минува македонското општество со овие искуства. Инфекцијата има многу слоеви и различни примени. Ова се неколку брзи белешки за некои видливи, но и не толку видливи аспекти на радикалниот национализам.

Како и во времето на грдиот режим на Груевски, македонското општество се соочува со уште еден бран црна кампања што се служи со валкани лаги, неосновани и злонамерни конструкции и манипулација. Видовме сѐ и сешто во таа кампања од падот на режимот наваму, слушнавме фашистички говори, се повикуваше на “долги ножеви”, па се изведе и напад на Парламентот каде што со невидено ѕверство се тепаа пратеници и партиски лидери со намера да бидат убиени… Но, тоа беше само уште една фаза од животот на еден криминален естаблишмент во политиката со долга и тегобна листа на злоупотреби, кражби и злосторства. Три години по обелоденувањето на голем дел од криминалот на узурпаторите и киднаперите на државата, време кога архитектите на клептократскиот и насилнички режим треба да се соочат со правните последици, макар и со нешто налик на правда, тие повторно тргнаа во поход против сопствената земја под изговор дека ја бранат. Валкано, без факти и аргументи, без разговор, без трошка свест и совест. Со примитивна и гротескна иконографија. Со евтини и провидни трикови.

Шок бомба ѝ експлодирала меѓу нозете на една госпоѓа „бранителка” која несомнено се нашла на патот на полициските единици кои очигледно не штедеа на хемиски средства првиот ден од протестите. Но, за да ја засили својата страдалничка сторија, добро познатиот агитпроп на радикалите, извадија дополнителни „докази“ – фотографии од Северина со рани на лицето и други повредени лица во други држави во некое друго време… Не можеа, а и не се трудеа, да ги скријат ни шипките, камењата, шишињата и молотовиот коктел што не знаеле како да го направат, па не експлодираше… Така, тргна „голоракиот народ” да го брани името од Грците со хулигански песни за „клетите Шиптари“. Навидум откачена, но безброј пати проверена метода.

Кога полиција опремена со штитови, шлемови и други „играчки” за разбивање на толпа ќе се постави на теренот, можноста од пречекорување на овластувањата е супер висока. Кога на неа се фрла со молотови коктели, нема шанси таа да реагира, а да нема модрици и по телата на оние што мирно протестираат што е неприфатливо, но редовно се случува. И секако, причина повеќе постојано да го креваме гласот против милитаризацијата на полицијата. Без оглед на тоа дали се согласуваме со пораките на некој протест или не.

Среќа, немаше смртни последици, ни по полицијата, ни по „меѓуножјето”, што веројатно е спротивно на сценариото според кое беше пожелно да има жртви. Полициската бруталност може и треба да се сними, фотографира и докаже. Само, за тоа треба искреност и посветеност. И трошка знаење и свест. Наместо тоа, добивме едно хистерично селфи видео на еден лумпен новинар во кое тој повикува на насилство. Ги видовме и „најмладите” што можеа да ги мобилизираат и… се посрамотија.

Да се потсетиме… Ние бевме на земја седнати или со кренати раце, им подававме цвеќе и вода, активистите од првите редови на Шарената им нудеа кабаници за да се заштитат од бојата, па специјалната полиција пак тепаше, газеше, апсеше… И пак тепаше. И снимавме, целиот свет виде што се случуваше на улиците на Скопје и над 20 други македонски градови. ОК, речиси сите освен МРТВ, Сител, Канал 5, Курир и многу други што беа под контрола на режимот. И сѐ уште се влечат активистки и активисти на Шарената по судови затоа што протестираа со боја во рацете, ненасилното „оружје” на Шарената. Обвинети се за учество во колективниот граѓански и уметнички акт против режимот и „културното наследство” на Груевски.

Тие што крадеа, тепаа, прогонуваа и убиваа, сѐ уште се на слобода и водат кампања против слободата и прогресот. Тоа е вистинското наследство што ни го оставија – корумпирано, теледиригирано судство и уништени институции. И квичат по улиците дека биле жртви на полициска бруталност. Со фотки од Северина. И со очигледна завист и фрустрација што не им успеваат смешните обиди да ја копираат Шарената револуција. Тоа е невозможно, бидејќи Шарената е дијаметрално спротивна на апсурдната омраза без кочници со која се обидуваат да ја постигнат својата мрачна цел.

Да. Добра вест е тоа што најновата кампања е препознаена и разобличена уште првиот ден, а поддршката за неа опаѓа. Македонските граѓанки и граѓани со години протестираа токму против тие структури. Протестираа за слобода, демократија и правда. Затоа, тие структури се осудени на неуспех. Сепак, имајќи предвид кој стои зад оваа кампања, потенцијалот за деструкција не смее да се занемари. Познато е дека во кампањата против македонскиот пат кон Европа се вложени пари и ресурси од странски и домашни структури кои работат на двете страни од македонско-грчката граница, со исти или слични играчи (#МицкоТакис).

Затоа, оние што се на улица и во најновата офанзива не се потполно одговорни за своите постапки, бидејќи се манипулирани и управувани од софистицирани центри за пропаганда. Можеби на улица и на социјалните мрежи изгледаат глупаво, грдо и одбивно, но зад сето тоа стојат интелигентни криминални умови. И многу пари. Играта е многу покомплексна. Дури и оние што треба да се соочат со правдата за практикувањето антидемократски режим не се крајната цел.

И криминалците и радикалите се само алатки во рацете на структурите на моќта што сакаат да го видат Балканот потонат во криминал и крв. Балкан, нестабилен и расцепкан од насилство, под власт на налудничави и бескрајно лакоми насилници, оаза за организиран криминал и перење пари. Балкан поделен и упропастен од етничка омраза и конфликти. Тоа е крајната цел. А една од алатките за тоа се овие протести и Фејсбук војната што ја водат. Опседнати со манијакална и болна омраза против непостоечки непријатели, пионите на таа специјална војна се губат неповратно во иморалниот гнилеж на етно-радикализмот. Малкумина од нив знаат дека им служат на невидливите газди што не ѝ сакаат ништо добро токму на земјата која мислат дека ја бранат од “трулиот” Запад. Руската шпионско-медиумско-политичка операција добива на интензитет со секој нареден чекор на Македонија кон Запад.

ВМРО-ДПМНЕ се посрамоти. Уште еднаш. Менувале тие лидер или не, остануваат ограничени и деструктивни. Играат за тие што сакаат да ја видат Македонија на колена, изолирана, сиромашна и разединета, дел од уништениот Балкан. Кои се тие? Еден партиски лидер на маргинална политичка партија-приврзок, инаку екс-полицаец, се качи за време на протестите врз полициско возило и развеа руско знаме. Оваа сцена и не е некој доказ, но познати се безброј други факти за руската офанзива против македонскиот напредок.

Стотици луѓе на улиците и на онлајн медиумите секојдневно се срамотат себе си и своите семејства со гнасотии и вулгарности. Ако некогаш и било за подбив, сега веќе не е смешно. Измамени, бесплатно одработуваат за милионски бизниси скриени зад пропагандата што е антимакедонска во својата суштина. Учествуваат во игра што нема врска со патриотизам. Бидејќи љубовта кон сопствената земја не значи и омраза кон сограѓаните или кон соседите. Не се брани јазикот од Грците со неписмени, вулгарни и крволочни повици за истребување на Албанците. Не се брани идентитет со простотилак.

И понатаму нема разговор, нема дискусија, макар и со висок тон и остри квалификации. Не. Сеирџии од сите бои јурнаа во потрага по 10 секунди слава на онлајн мочуриштата. Кој фрустриран, кој забеган, кој платен, кој далдисан и бесплатен. Универзитетски професорки и професори, политичарки и политичари, квази-интелектуалци и фејк-новинар(к)и, изгубени души, хистерични и потпросечни… секој-а со своите апетити и валкани веш.

Барајќи непријатели таму каде што ги нема, станаа непријатели на самите себе. И… Се посрамотија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...