Судењето за случајот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство на Смилковско езеро од 12 април 2012 година, продолжува на 31 август со сослушување на загрозениот сведок од страна на судот.
На денешното рочиште заштитениот сведок одговараше за прашања на адвокатите од одбраната, откако на рочиштето на 22 август заврши сослушувањето од страна на СЈО.
Одбраната се обиде со повеќе прашања, од тоа како биле облечени на минатото рочиште, до тоа дали е точно дека бил на местото на настанот или за тоа дознал од медиумите, да ја собори веродостојноста на исказот на загрозениот сведок.
Загрозениот сведок, кој исказот го дава од друга просторија со мутиран глас и заматена слика, повеќе пати повтори дека на местото на настанот бил на 9-ти, 10-ти, 11-ти и 12-ти април, каде го видел „голфот 3“ со затемнети стакла на повеќе различни локации, како и други две возила. Прашан дали вечерта бил на местото на настанот, сведокот кажа да, и потврди дека видел четири тела.
Обвинетиот Фејзи Азири бараше објаснување од сведокот зошто и кој му бил мотивот да ги гледал токму нив и тоа така во детали, но прашањето не беше дозволено.
Претседателот на судечкиот совет, судијата Ставрев даде предлог да се договори на следното рочиште да се види и возилото.
Адвокатката на семејствата на жртвите, Дафинка Ивановска рече дека од денешното сведочење на загрозениот сведок произлегува многу јасно објаснување и кажување за настанот.
– Како сега, така и на досегашните претреси, неговиот одговор секогаш е јасен и прецизен и со сигурност може да се утврди дека ја зборува вистината – рече Ивановска.
Адвокатот на одбраната Насер Рауфи, по завршување на судењето, рече дека во неколку ситуации можело да се утврди дека загрозениот сведок не ја зборувал вистината.
– Неколку пати, не само што беше конфузен, туку можам да кажам и се фати во конкретна лага, и во однос на времето кога ги видел и во описот на лицата кои ги посочува. Очигледно е дека ова е монтиран сведок и мислам дека мотивот ќе се расветли – рече Рауфи.
На денешното рочиште, во судница присуствуваа обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Самир Љута и Фејзи Азири, кој е спроведен од затвор Штип, каде отслужува казна за друго дело. За екстрадиција на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, судијата Огнен Ставрев, кажа дека добил писмо од Министерството за правда дека постапката е во тек.
На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.