Расчекорот меѓу ветувањата и реалноста

1015

Во недостиг на испорачани успеси и достигнувања кои спаѓаат во области каде резултатите се утврдуваат егзактно, преку бројки и параметри кои не можат да се релативизираат или да подлежат на спинови кои би биле сервирани на јавноста, власта се соочува со вистинска потешкотија да ги убеди граѓаните во веродостојноста на пораката на изборниот слоган, според која државата се движи на прав пат.

Впечатокот, или барем она што ни го илустрира статистиката, е дека скоро и да нема област во која нештата, ако не повеќе, барем се движат во посакуваната насока. Но, уште пошокантно е дека во многу сфери, не само што изостанува напредок, туку параметрите покажуваат назадување и уште полоши перформанси од тие кои беа наследени од минатата гарнитура.

Реториката за „помалото зло“

Се сеќавам добро на една дебата на една наша телевизија, во која учесници беа Кирацовски, тогаш генсек на СДСМ и Таравари, како претставник на неговата партија. Притиснат од соговорникот, Кирацовски беше дотеран до ѕид и во даден момент не успеа да се извлече од инсистирањето да ги наброи конкретните успеси и промени кои до тој момент ги остварила владината коалиција. Така што и самиот тој, како конкретни и опипливи мерки, успеа да ги издвои укинувањето на радиодифузната такса, евтината тарифа на електричната енергија и екстерното тестирање, како подвизи кои неговата партија ги избоксувала во рамките на дотогашниот период од нивниот мандат.

Патем, Таравари е еден од политичарите кои исклучително го почитувам од повеќе причини, пред сè поради сосема различниот приод во водењето на политика од она што е карактеристично за скоро сите функционери на ДУИ. Да не останам куса во однос на објаснување на што се должи овој впечаток, би истакнала дека без разлика на ставовите кои тој и неговата партија ги застапуваат во однос на меѓуетничките релации, пристапот без иритантна доза на триумфализам на едната врз другата заедница, нешто што е баш карактеристично за актуелните власти од албанскиот блок, е она што кај мене го создава тој впечаток. Но, тоа е сосема друга тема која заслужува поопсежна анализа.

Од оваа временска дистанца, не е многу променето во однос на конкретните придобивки, освен обелоденување на аферата “Рекет”. СДСМ секако дека разбира дека има голем, огромен проблем да ја промени перцепцијата на јавноста, а уште поголем проблем и по малку време истата да ја измени. Така, освен политичките мантри и празни флоскули, нивната пр-екипа беше исправена пред една скоро невозможна мисија – да се убедат граѓаните не дека СДСМ е добра власт (тоа би било преамбициозно, а би им го срушило и така нискиот кредибилитет), туку да се убедат дека и нивното лошо владеење е подобро од она што значи моментална политичка понуда во Македонија.

И секако неизбежниот наратив за Грујовото враќање, не позади решетки, туку на Илинденска бб. Тоа, горе-долу, е дежа ву на реториката предизборието во 2014 година, кога се гласаше за помалото зло.

Како да се измери (не)успехот?

Она што мора да им се признае е исклучително темелното разбирање на граѓанското јадро и на просечниот македонски граѓанин со неговиот менталитет, вредности, и најбитното од сè, неговите слабости. Случувањата во последниве неколку години демонстрираа дека политичката култура на граѓаните не само што не се развила, туку фактите говорат дека огромен број граѓани нe разбираат како функционира системот на парламентарна демократија и каква е нивната улога како граѓани во истиот.

Имено, турбулентните политички случувања и огромниот расчекор меѓу она што значи предизборна програма и реални владини политики, како ретко кога го бетонираат овој впечаток. Сето ова говори во прилог на впечатокот дека мал број граѓани ги разбираат системот на претставничка демократија и обврските кои политичарите ги имаат кон своите гласачи, посредно и кон политиките кои граѓаните ги легитимирале на избори. Кога би било обратно, гласачите би биле значително помалку подложни на спинови и релативизации. Успехот, или неуспехот во перформансите на нивните избраници, би бил мерлив преку еден многу едноставен инструмент. Тоа подразбира математички прецизно (што би рекол Мицковски) утврдување на процентот на реализација на изборната програма во рамките на периодот кој изминал од почетокот на мандатот. Така што процентот на реализација на истата ќе ни ги даде сите одговори на дилемите.

За жал, ретко кој е свесен дека демократијата сфатена како систем значи избор на претставници кои народот ги избира да ја реализираат неговата волја преточена во идеи, ставови и политики, претходно легитимирани на избори директно од граѓаните. Дека значи претставување, а не владеење со граѓаните и земање за право оние кои се претставници да делуваат на своја рака и по своја волја, сосема изземајќи ја потребата од партиципативност на граѓаните во процесот на водење политики, како и потполно игнорирање на  предизборните ветувања од каде барем формално го црпат својот кредибилитет.

А за што помалку луѓе да знаат, односно состојбата да е таква каква што е, ќе се погрижат, кој друг, ако не партиите. Па така, владините апаратчици безмалку ќе нè убедеа дека демократијата и слободата на говор сега биле на историски највисоко ниво. Притоа, како аргумент се дава пример дека денес ако се говори против власта не се бива убиен (не завршуваме во ендек). А тоа што некој кој не е љубител на власта нема шанси да биде вработен, да добие тендер или било што врз основа на мерит систем, тоа да ти било преголем залак за толку кратко време. А оние поамбициозните тоа го препишуваат на чиста случајност и немање среќа. Или, како што ќе рече Костадинов, за опозициските општини, веројатно неправилно аплицирале за проекти, но е сигурен дека Владата инвестирала во Гостивар. Единствено не се сеќава што точно.

И бидна ли „канализација наместо кантонизација“?

Сето ова ме навраќа на онаа фама и на политичката криза која ја тресеше државата во предизборието од минатите предвремени парламентарни избори, како и околностите поради кои истите беа предизвикани.

Исто така, имајќи ја предвид состојбата и степенот на политичка култура кај граѓаните, сметам дека е повеќе од нужно да се направи суштинска евалуација на планот на изборна програма, наспроти реална реализација. Фактот дека нè очекуваат избори говори за нужноста да се учиме ако не на туѓите, барем на своите грешки. Притоа ќе се задржам само на главните постулати на она што сегашната власт се обврза да го реализира.

Пред сè, од суштинска важност е да се земат предвид тогашните случувања и потези на извршната власт, како и епохалната амнестија од Иванов, која фактички си е на сила, само го смени потписникот и преку своевидна политичка цесија сега „фактурата“ е префрлена како политичка одговорност на друг политички фактор.

Говорејќи за тоа време, општата атмосфера на политички план упатуваше на нужноста од одржување предвремени избори. И ако тогаш имавме цврсти основи да воспоставиме дијагноза на „болеста“ што ги разградуваше државата и прогресот, реално беше да се очекува дека приоритет на секоја потенцијална власт која би го добила мандатот да се справи со затекнатите состојби, мораше да биде отстранување на сите дотогашни политички практики кои ја предизвикаа таквата општа состојба.

Како примарни и алармантни состојби кои СДСМ ги адресираше беа потребата од департизација на државните институции, демократизацијата на медиумите и нивното ослободување од партиските стеги. Како еден од најбитните, ако не и најбитен чекор, нужен за било каков напредок во секоја сфера, беше конечно ставање на крај на практиката на неказнивост на политичките елити и на селективната правда. Како и расчистувањето на криминалот на тогашната власт, кој што според нивните наводи ја чинеше државата баснословна сума од над 5 милијарди евра државни пари, но и нивно враќање кај граѓаните.

Наспроти ова, тогашната власт тврдеше дека зад сето тоа стои сосема поинаква агенда и дека целта на доаѓање на власт на СДСМ е промена на уставното име, двојазичност и редефинирање на државата. Ваквите тврдења беа со индигнација отфрлени од Заев, како обид да се креира тензија меѓу заедниците и како некаков заговор меѓу тогашните компањони ДУИ и ВМРО, за јавноста да го пренасочи фокусот од реалните теми, кои, всушност, ги обединуваа граѓаните како никогаш до тој момент. Се сеќавате на познатата  Заева фраза, „канализација, не кантонизација“,

Без да навлегувам во квалитативна оценка на политиките кои следеа по формирањето на новата влада, секој во оваа држава знае каде точно беа насочени фокусот и сета енергија. И двете партии, пред конечно да се случат парламентарните избори, имаа две спротиставени тези околу тоа каква политичка агенда ќе има СДСМ во актуелниов мандат. Една од овие тези беше точна, другата беше погрешна. Секој сам треба да си одговори на ова прапање, како и на прашањето колку оваа власт може да си припише дека е демократска по однос на почитување на волјата на граѓаните.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...