Расцутеа кокичиња како да е пролет, топлото време ги измами и комарците

Може да процветаат и овошките, и тоа слива, бадем и други од раните сорти, а за ова да не се случи, нема заштита која би ја презеле сопствениците. Кај тие што процутеле сега, изгубени се пупките, па ќе немаат ниту род, појаснува Ангелко Ангелески, советник во УХМР.

520
БЕСПЛАТНА ФОТО

Иако речиси еден месец е есен, расцутеа кокичиња и други предвесници на пролетта, кои вообичаено цутат во февруари, март. Топлото време, кое трае веќе трета недела во октомври, со исклучително високи температури од дури 30 степени Целзиусови, ги  измами и дел од цвеќињата, а не чудете се ако во дворот забележите дека процутеле и сливи и други коскести овошки. Уште зујат и комарци, чии легла, како и на другите инсекти, ќе ги уништи првата слана која се очекува наскоро да падне.

Вакво топло време ќе потрае до крајот на неделава, прогнозираат од УХМР, а  агрометеоролозите појаснуваат што може да предизвикаат овие невообичаено високи температури и долготрајната суша.

– Од понеделник се очекува да паднат температурите, но ќе продолжи стабилно и суво време, за жал, врнежи нема. Може да процветаат и овошките, и тоа слива, бадем и други од раните сорти, а за ова да не се случи, нема заштита која би ја презеле сопствениците. Кај дел од растенијата се формирани цветните пупки, а бидејќи кај коскестите побрзо се формираат – во првата половина од август, тие побрзо може и да  процутат иако е есен. Додека кај јаболчестите, како јаболко, круша, дуња, се формираат во втората половина од август. Затоа и препорачуваме овошките да се наводнуваат во август, ако сакаме добар род да има наредната година. За овие овошки што сега ќе процутат не можеме да кажеме дека тоа е голем аларм, но факт е дека кај тие што процутеле сега, изгубени се пупките, па ќе немаат ниту род. Може на едно дрво да се случи да се појават по пет-шест цвета – појаснува Ангелко Ангелески, советник за агрометеорологија во УХМР.

Тој додава дека цвеќињата како кокичиња се измамени од топлото време и веќе расцутеле, бидејќи им погодуваат сегашните услови – студени утра и топло време преку денот, како што е напролет.

– Важно е да се каже дека сега има поволни услови и за развој на болестите и  штетниците. Но кога ќе падне првата слана, а веќе е време, ќе паднат и листовите од растенијата, а со нив и јајцата на инсектите, па нема да има услови да се развијат и  комарците и други инсекти. Сигурно и дека на есенската сеидба крајно неповолно влијае претоплото време во октомври, бидејќи температурите од плус 30 степени ја земаа и онаа влага што ја имаше во земјата, но нема пролонгирање на сеидбата поради овие услови – вели Ангелески.

Сепак, топлото време делува поволно на некои земјоделски култури.

– На бербата на тутунот и оризот влијаат поволно овие временски услови, како и на бербата на овошјето, како јаболки, круши, а и на грозјето, чија берба еве е при крај – вели Ангелески.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...