Во штипскиот регион заврши жетвата на житните култури, но почнаа пожарите на отворено, алармираат штипските пожарникари. Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Тони Атанасов вели дека за само една недела имале вкупно десет интервенции, а од кои седум се на отворено. Пожарникарите гаснеле запалени стрништа во атарите на Карбинци, Лакавица и Калимерово.
– Временските прилики или неприлики си го прават своето и опасноста од појава на вакви пожари е значително поизразена. Јас би апелирал до нашите сограѓани, пред се до земјоделците и оние кои се движат низ шума, да внимаваат каде фрлаат отпушоци и да не ги палат стрништата – вели Атанасов.
Тој апелира граѓаните кога ќе забележат пожар на отворено веднаш да се јават во противпожарната единица.
– Многу е важно при палењето или кога ќе забележат пожар, моментално да ја информираат ТППЕ, бидејќи секоја секунда ни е многу значајна и навременото стигнување на местото на пожарот значи помали последици, односно помали штети – рече Атанасов.
Во овој период забележано е и зголемување на бројот на запалени возила, за среќа нема повредени и човечки жртви, но штетите за сопствениците на возилата се големи.