Рангелова: По гласањето на референдум бевме изложени на закани по живот и понижувања

Рангелова потенцира дека би била среќна ако и нејзините колеги пратеници се охрабреле да гласаат против Договорот, но тврди и дека секој на крај сам одговара за својата одлука и постапки. 

1656

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова во интервју за Призма вели дека по гласањето на референдумот таа и нејзините колеги биле изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи.

„Јас со крената глава и достоинствено на референдумот гласав „против“ Преспанскиот договор и тоа е во рамки на партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ – секој да одлучи по сопствено убедување. Јас дејствувам транспарентно во партијата и за мојот став дека сум против апстиненција или бојкот го информирав извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и не се каам поради тоа. Прашањето за името е натпартиско и за него треба да одлучуваат единствено граѓаните на Република Македонија, на референдум, затоа што само на тој начин ќе имавме јасна слика за волјата на граѓаните, дали сме „за“ или „против“. Но, за жал, по гласањето, јас и моите колеги бевме изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи, за кои сакам да останат избледнети спомени, кои ќе бидат заборавени во минатото“, вели таа со доза на разочараност бидејќи за ваквите притисоци немало никаква реакција ниту заштита од партијата.

„Не сакам да помислам дека ваквите закани се оркестрирани од некаков центар на интерес, но останува фактот дека партијата не се огласи со осуда и реакција на ваквиот низок степен на примитивизам кој преовладува на социјалните мрежи“.

Рангелова потенцира дека би била среќна ако и нејзините колеги пратеници се охрабреле да гласаат против Договорот, но тврди и дека секој на крај сам одговара за својата одлука и постапки.

Целото интервју со Рангелова можете да го прочитате ТУКА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...