Пратениците на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Даниела Рангелова и Драги Данев во разговор за Плусинфо тврдат дека нема да може никој и по ниту една цена да влијае за да го сменат својот став против какви било уставни измени.
Изјавите на двајцата пратеници доаѓаат по најавите дека премиерот Зоран Заев утре ќе почне разговори со пратеничките групи, после кои треба да биде јасно дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници кои ќе гласаат за уставни измени според договорот со Грција кои предвидуваат и промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија.
Рангелова и Данев се најдоа на мета на критики и навреди на социјалните мрежи, откако гласаа на референдумот вчера, иако партијата порача секој да постапи според своето лучно убедување.
-Нема да гласам за уставни измени, категорична е пратеничката и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова во изјава за Плусинфо, во врска со шпекуациите дека токму Рангелова заедно со уште неколку нејзини сопартијци би можеле да му помогнат на Заев во математиките за двотретинско мнозинство за уставните измени предвидени во Договорот со Грција.
– Мојот став е дека прашањето на името е надпартиско и за него и за судбината на земјата треба да одучуваат граѓаните, а не партиите или пратениците. И токму затоа излегов и гласав „против“, ќе бев посреќна ако бројката на граѓаните кои се против промена на името беше поголема, наместо 40.000 граѓани, иако се претпоставува дека тие што не излегоа на гласање се против. Овој став јас го имав и пред референдумот, отворено го кажав и на седница на Извршниот комитет, настрана што партијата повика секој да постапи според свое лично убедување. Уште пред референдумот јасно беше како ќе гласам – вели Рангелова која реакциите и навредите на социјалните мрежи смета дека се поттикнати од платеници кои одработуваат за нечесни цели.
Рангелова тврди дека досега немала никакви ниту закани, ниту притисоци од било кого од власта во врска со нејзиното изјаснување за уставните измени во Собранието. На прашање на Плусинфо, да ја коментира нејзината наводна инволвираност во настаните во општина Центар, за што се води судска постапка, таа вели дека нема поврзаност со тие настани и дека никој нема да може да влијае да го смени својот став против промена на Уставот, ниту пак да прави пазар со тоа.
Рангелова смета дека многу поголем број граѓани требало да го искористат своето демократско право и преку гласање да го искажат својот став. Таа спротивно на своите сопартијци вели дека и референдумското прашање било сосема јасно.
-ВМРО-ДПМНЕ, е партија која го поддржува членството на Македонија во НАТО, а интеграциите во Европската унија и во Алијансата ги смета за стратешки интерес. Во овој контекст не можат да се игнорираат ниту посетите, ниту пораките на европските политичари. Од друга страна пак, јасно е дека после постигнатиот Договор со Грција, нема враќање назад. Во овој контекст и референдуското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, сметам дека беше јасно поставено. Јас излегов и гласав „против“, а ќе гласам и против уставните измени – вели Рангелова.
И нејзиниот сопартиец Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДМНЕ вели дека нема да гласа за уставните измени, а негативните реакции ги оценува како „неаргументирани обвинувања“.
-Од првиот ден бев еден од најголемите критичари на спогодбата од Нивици, еден од прво потпишаните подносители на кривична пријава за велепредавство против Заев и Димитров и бев убеден дека само граѓаните се тие кои треба да се произнесат околу спогодбата, а не ние како претеници во Собранието – вели Данев и додава дека тој верува дека граѓаните секогаш носат правилна одлука, како што впрочем и се потврди на референдумот без цензус.