Албанскиот премиер Еди Рама најави дека ќе го тужи косовскиот премиер во заминување, Рамуш Харадинај, за неговата изјава дека „Рама, косовскиот претседател Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе добиеле 10 милијарди евра за поделба на Косово“.
Тој додаде дека неговата канцеларија веќе подготвува тужба против Рамуш Харадинај.
– За 10-те милијарди, тужбата не ја подготвувам јас, туку имам специјална канцеларија против клевета. Пред судовите во Косово, господинот ќе мора да дојде да го докаже како на маса ќе ги поделевме 10-те милијарди меѓу мене, Тачи и Вучиќ. Да му кажеш на народот дека 10 милијарди евра ќе сме делеле за поделбата на Косово и повторно да добиеш гласови, браво за оние што гласале за овој вид политика – рече Рама во гостувањето во емисијата „Опинон“ на Клан телевизија.
Според Рама, Харадинај лажел кога изјавил дека вршел притисок косовската Влада да ја укине 100-отстотната царинска такса за српските прозводи,туку дека единствено му рекол дека она што ќе ти го предложи Макрон се случува само еднаш.
– Макрон пред мои очи и пред германската канцеларка и српскиот претседател му рече: Рамуш дај ми четри месеци и ќе влезам во процесот на дијалог. Суспендирајте ја таксата. Човекот не му рече да ја укине. Му кажа дека Србија ќе ја прекине идиотската кампања против признавањето на Косово и тој ќе го повлече ветото за визната либерализација за косовските граѓани – рече Рама.
Според него, поради тврдоглавоста на Харадинај косовските граѓани и понатаму се изолирани.
PHOTO: EPA/OLIVIER HOSLET