Албанскиот премиер Еди Рама не се откажува од идејата за обединување на Албанија и Косово, оценувајќи дека Албанците во двете држави се браќа кои сега живеат во две различни земји и затоа треба да се обединат.
Како што јави дописничката на МИА, Рама уште нагласи и дека се залага за регион без граници.
– Не сакам граници со Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Треба да работиме тоа да се случи. Потребата од помирување е неизбежна, и колку што Србија продолжува да верува во сонот дека тоа не се случило или дека може да го спречи тоа, ќе биде поболно за сите – изјави Рама во интервју за српската телевизија Пинк.
Според него, Србија мора да се соочи со реалноста и да прифати дека Косово е независна и слободна држава.
Рама изјави дека никогаш не зборувал за т.н. Голема Албанија и дека тоа е термин создаден да се користи против Албанците.
– Верувам дека Србите и Албанците можат да го направат за Балканот она што го направија Франција и Германија за Европа – посочува Рама.
Во интервјуто тој признава дека се заложил за привремено укинување на 100 процентната царина што косовската Влада во ноември минатата година ја воведе за производите на Србија и на Босна и Херцеговина.
Во дел од интервјуто тој зборува и за симболот двоглав орел, велејќи дека тоа не значи ништо лошо за другите, туку е само симбол по кој се препознатливи Албанците.