Албанскиот премиер Еди Рама на претпладневната вонредна седница на Владата рече дека заминува за Лондон за да присуствува на Самитот на Северноатлантската алијанса.
Тој вети дека лично ќе побара финансиска и техничка помош од земјите-членки за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес на 26 ноември, при што загинаа 52 лица, стотици беа повредени, а материјалната штета е огромна.
– Измените во буџетот ќе бидат направени директно во Парламентот преку Комисијата за економија, а потоа и на пленарна седница. Треба да одам во Лондон заедно со министрите за одбрана и за надворешни работи, на Самитот на НАТО. Имаме уште една задача плус, покрај учеството на Самитот, а тоа да разговараме со сите мои колеги, со лидерите на државите членки, министрите и колегите да помогнат во потребата од директна финансиска и техничка помош – рекол Рама.
Тој додаде дека системот за координација на помошта е целосно под контрола.
Рама ја најави платформата „Албанија што ја сакаме“ додавајќи дека се до моментот кога ќе заврши вонредната состојба, платформата ќе се фокусира исклучиво на барањата на жителите погодени од земјотресот.
Во меѓувреме тлото во земјата не мирува. Последниот земјотрес од серијата во последните два дена е регистриран во близна на Орукум, кај прморскиот град Валона,денеска околу 10 часот со јачина од 3,4 степени според Рихтерова скала.