Ракометарите ги згазија Романците, со една нога се на СП

474

Македонската ракометна репрезентација ја победи Романија со 32:24 во првиот дуел од баражот за Светското првенство 2019 година во Германија и Данска.

Натпреварот лошо почна за Македонија со водство на гостите од 2:0. Потоа следуваше серија на „црвено-жолтите“ од 6:0 и водство од четири гола разлика во 12.минута. Во првиот дел Имаше Македонија и плус 7, Романците најблиску стигнаа до минус три, за на полувреме да се отиде со 15:10.

Првите десетина минути од вториот дел поминаа во игра гол-за-гол, а потоа Македонците почнаа да го „торпедираат“ противничкиот гол во серија за првпат двоцифрена предност (24:14) во 43.минута. Во последните десет минути се влезе со резултат 26:18 за нашите ракометари. Истата разлика беше и на крајот (32:24), иако беше пропуштена можност за поубедлив триумф.

Еден од најзаслужните за победата на македонските ракометари беше Борко Ристовски со 14 одбрани. Најефикасни со по седум гола беа капитенот Кирил Лазаров и Дејан Манасков.

Македонија „брка“ шесто учество на Мундијалите и петто во серија, додека Романците апстинираат од СП уште од 2011 година.

Реваншот ќе се игра в среда во Клуж.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...