Разумност во пракса

Сега има нешто што се вика банкоосигурување, се појавуваат нови видови на институции што порано не постоеле, се врши институционална диверзификација во рамки на финансискиот сектор. Новите технологии си го прават своето.

1198

„Банкарството е неопходно, ама не и банките“, изјави своевремено Бил Гејтс. Изјавата е дадена во минатото, во контекст на очекувањата дека кога технолошките компании ќе бидат во можност да го даваат јадрото на банкарски услуги, тогаш потребата од банки какви што порано ги знаевме нема веќе да постои.

Помина доста време од неговата изјава, банките, засега, сепак преживеаја. Но, посочената изјава на Бил Гејтс е добар индикатор за трендовите и длабоките промени што се случуваат во финансискиот сектор. Денес гледаме дека дигиталната технологија, смарт телефоните, се користат сé повеќе за финансиски услуги. Во некои делови од светот, делови од Африка, на пример, каде што можеби нема услови за класични банки, мобилните телефони се и единствениот начин за добивање одредени финансиски услуги, плаќања, пренос на пари, и сл. Да ги споменам и најновите технолошки достигнувања, „блокчеин“-технологијата која прави децентрализација на информациите и има потенцијал всушност да ги истисне институционалните финансиски посредници.

Финансискиот сектор се промени! Не можеме повеќе да зборуваме за „чисти“ бизнис линии како што тоа беше порано. Во секторот се прави сé поголемо функционално интегрирање и испреплетување на активностите и замаглување или рушење на досегашните ѕидови помеѓу нив. Сега има нешто што се вика банкоосигурување, се појавуваат нови видови на институции што порано не постоеле, се врши институционална диверзификација во рамки на финансискиот сектор. Новите технологии си го прават своето.

Овие трендови на испреплетување на бизнис линиите во финансискиот сектор беа движечката сила зад одлуката на Собранието на Стопанската комора на Македонија за формирање Здружение за финансиски организации. И, на крајов од јуни, оваа идеја се материјализираше во пракса, Здружението за финансиски организации формално се конституираше. Со тоа, речиси 50 членки на Стопанската комора на Македонија од финансискиот сектор, осигурителни друштва, банки (коишто имаат и посебна асоцијација надвор од Комората, но се членки и на Комората), финансиски друштва, лизинг друштва, друштва за управување со пензиски фондови, итн. официјално си го етаблираа просторот за заедничко работење. Беа донесени Правилата за функционирање на Здружението, Програмата за работа до крајот на годината, беше дефинирана структурата на Здружението, со одлуки за формирање посебни групации за поодделни видови  финансиски организации. Членките едногласно го изгласаа составот на Управниот одбор на Здружението, обезбедувајќи притоа во него да бидат застапени сите видови финансиски институции – членки на Здружението. Следи интензивна интеракција и разновидни активности на Здружението.

Некој ќе рече – па кому му е ова важно, освен на членките на Комората? Јас би рекол важно е, затоа што примерот со Здружението за финансиски организации во рамки на Стопанската комора на Македонија покажува дека можат да се здружат, да комуницираат и наоѓаат заеднички решенија и ентитети кои во одредени сегменти меѓусебно си конкурираат, но разбираат дека взаемната континуирана комуникација, заедничките напори за што подобра регулатива, дури и кога не се истомисленици, им носи корист на сите ним поединечно и колективно. Ќе има различни мислења, но ќе се разговара и никој од тоа не се плаши. Ќе имаат обединет настап во јавноста и можност моќно да ги канализираат и комуницираат со јавноста своите интереси. Ќе се зацврсти прудентноста, активностите што следат дополнително ќе влијаат во насока на зголемување на репутацијата, сигурноста, стабилноста и довербата во финансискиот сектор на земјава. Од тоа ќе имаат полза клиентите на финансиските институции, самите институции, опкружувањето во кое делуваат, целиот финансиски сектор и пошироко. Класична вин-вин ситуација, во која сите просперираат.

Ова е пример на разумност во пракса. Зошто ова не би можело да се направи и во други делови на општеството во кое живееме?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...