Разрешувањето на Мизрахи ќе го стави Мицкоски во двоумица

Постојат две опции: или партијата да предложи нов министер кој ќе ја преземе функцијата на разрешената Мизрахи, или, пак, да прифати ова Министерство да ѝ припадне на дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која би требало да министерува сè до денот на изборите закажани на 12 април.

3553

Евентуалното разрешување на актуелната техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи ќе го стави во дилема раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – или партијата да предложи нов министер кој ќе ја преземе функцијата на разрешената Мизрахи, или, пак, да прифати ова Министерство да ѝ припадне на дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која би требало да министерува сè до денот на изборите закажани на 12 април. Ова за Плусинфо го тврдат партиски извори откако техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера го достави предлогот до Собранието за разрешување на Мизрахи од министерската позиција.

Од партијата на Христијан Мицкоски засега не откриваат дали раководството веќе почнало да бара ново кадровско решение, па оттаму само ја повторија изјавата на лидерот дека потегот на Спасовски претставува класичен политички маневар.

На ова реагираше техничкиот премиер и на денешната прес-конференција упати совет до опозицијата да бара замена за Мизрахи кај независните пратеници.

– Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и дека ќе даде кандидат што го почитува Уставот и законите. На пример, еден од пратениците кои гласаа за Северна Македонија и Протоколот за НАТО, како можно решение. Одлуката е нивна, кого сакаат нека предложат, јас ќе го прифатам – изјави премиерот Спасовски.

Мизрахи, пак, сè уште цврсто верува дека пратениците нема да ја разрешат, оти, како што вели, не направила ништо погрешно.

– Не очекувам да бидам разрешена, не направив ништо и не сум виновна за ништо. Апсолутно ќе ја почитувам одлуката на пратениците каква и да е, бидејќи тие ме назначиле, тие можат и да ме разрешат – изјави Мизрахи.

Од друга страна, таа посочи дека без оглед на сè, не планира да ја промени таблата на која е испишано старото уставно име на земјава и додаде дека е подготвена да плати казна од 5.000 евра.

Ваквата нејзина изјава ја налути универзитетската професорка Мирјана Најчевска, која на Фејсбук напиша дека секое изрекување прекршочна казна значи дека си го прекршил законот и дека веќе не треба да го прекршуваш.

„Министерката за труд и социјална политика изјавила дека ќе си ја плати казната и дека нема да ја промени таблата со називот на Министерството. Ако ти е изречена прекршочна казна тоа значи дека си го прекршил законот и дека веќе не треба да го прекршуваш. Тоа не значи дека е озаконета последицата од прекршувањето што си го направил. Со плаќањето на прекршочната казна не се обезбедува легалитет, туку се става до знаење дека тоа што си го направил е спротивно на законите. Во правото тоа значи дека секогаш кога е тоа можно треба да се адресираат последиците од прекршувањето. Во случајот на вмровската министерка за труд и социјална политика тоа значи дека мора да ја врати таблата со официјалниот натпис. Дај бре престанете да си играте мајтап со правото“, напиша, меѓудругото, Најчевска.

Претходно и поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, за Плусинфо изјави дека однесувањето на министерката Мизрахи не само што може да резултира со политичка одговорност како што е разрешувањето, туку може да повлече и кривична одговорност.

– Логично е да подлежи на кривична одговорност секој оној што ги злоупотребува државните симболи и што ја навредува државата. Но, со оглед на тоа што Рашела Мизрахи ќе биде министерка само до денот на изборите на 12 април, јас искрено не верувам дека ќе реагираат јавните обвинители – рече Петковски.

За потстетување, барањето за разрешување на министерката Мизрахи следуваше откако таа неколкупати одбиваше да ја замени старата табла во Министерството за труд и социјала на која е испишано старото уставно име на државата, и на нејзино место да постави нова табла на која ќе пишува – Република Северна Македонија. На ова остро реагираше министерот за надворешни работи Никола Димитров, а вербална нота пристигна и од Грција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...