Разрешен судијата Владимир Панчевски

Поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд е обвинет за злоупотреба на службена положба за распределувањето на предметите преку АКМИС

1433

Републичкиот Судски совет, на денешната седница, го разреши од судиската функција поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски. За оваа точка се расправаше зад затворени врати.

Панчевски  е обвинет за злоупотреба на службена положба за распределувањето на предметите преку АКМИС, но судењето уште не е почнато, бидејќи неколку пати се одложува. За Панчевски се водеше постапка за нестручно и несовесно работење, така што од летоска беше и суспендиран од работното место судија за прекршоци во Основниот суд Скопје еден.

Летоска, Судскиот совет го разреши од функцијата и првиот човек на Врховниот суд Јово Вангеловски.

На денешната седница за претседатели на основните судови во Струга и Кавадарци беа избрани Ифет Бајрамовски и Лазар Нанев, кои воедно беа и единствени кандидати. Членовите на Судскиот совет го изгласа и Правилникот за начинот на рангирање на кандидатите за судии од Академијата за судии и јавни обвинители.

На денешната седница беше одложена точката за избор на шест судии на Апелацискиот суд Скопје, тројца судии за кривична област, двајца судии за граѓанска област и еден судија за стопанска-трговска област. Одложувањето на оваа точка е поради немањето координација и согласност меѓу членовите на Советот.

Седницата ќе продолжи в понеделник.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...