Секоја држава членка на Европската унија сама ги одредува правилата за изборите за Европскиот парламент.
Кој кога гласа ?
Британците и Холанѓаните гласаат во четврток на 23 мај, Ирците на 24 мај, Летонците, Малтежаните и Словаците на 25 мај. Чесите гласаат два дена, во петок и сабота.
Другите 21 држава гласаат во недела на 26 мај.
Различни пропорционални гласачки системи
Европската унија ги пропишува изборите според пропорционален систем, но земјите-членки сами го одредуваат моделот. Се применуваат три типа.
– Преференцијално гласање во 19 земји-членки, вклучувајќи ги Италија, Полска, Холандија, Хрватска и нордиските земји. Избирачот може, во зависност од земјата, да го смени распоредот на кандидатите на листата за која гласа, да ги пречкрта кандидатите или да комбинира повеќе листи.
– Гласање со затворени кандидатски листи во седум земји-членки, вклучувајќи ги Германија, Франција, Шпанија и Обединетото Кралство (освен Северна Ирска). Избирачите гласаат за листи на кој не можат да го променат распоредот на кандидати или нивниот состав.
– Еден пренослив глас, на Малта, Ирска и Северна Ирска. Избирачот не гласа за готова листа, туку составува сопствена листа редејќи ги кандидатите како што сака.
Задолжително гласање
Гласањето е задолжително во пет земји: Белгија, Грција, Бугарија, Кипар и Луксембург.
Во Белгија и во Луксембург, непочитувањето на обврската е казниво. Во останатите три земји, санкциите, кога постојат, се поблаги.
Изборни единици
Само пет земји ги делат нивните територии на изборни единици: Италија (5), Полска (13), Белгија (3), Ирска (3) и Велика Британија (12). Изборните единици се географски зависни, освен во Белгија, каде што се јазично одредени (фламанска, франкофонска и германофонска).
Во други земји, гласачите гласаат само во една изборна единица што ја покрива целата земја.
Гласање преку пошта, овластени лица, Интернет
Гласањето преку пошта е дозволено во 16 земји-членки, првенствено за да им се овозможи гласање на избирачите во странство. Ова е случај во Германија, Велика Британија, Шпанија и нордиските земји.
Шест земји дозволуваат гласање преку овластено лице, на сите гласачи во Франција, Велика Британија, Холандија, Белгија, или само на старите и лицата со хендикеп во Полска и Шведска. Избирачот може да побара од друг избирач да гласа наместо него.
Електронското гласање е уште поретко. Естонија, која е лидер во дигиталните технологии, единствена им овозможува на своите граѓани да гласаат онлајн.
Застапеност на жените
Родови квоти за кандидатски листи воведоа 11 земји-членки. Листите во Франција, Италија, Белгија и Луксембург мора да содржат еднаков број на жени и мажи. Во Шпанија, Словенија и Хрватска листите мора да содржат најмалку 40 проценти жени, во Полска 35 проценти, во Грција и Португалија 33 проценти. Кога станува збор за Романија, пропишано е најмалку една жена и маж на секоја листа.
Некои од овие земји имаат пропишано мерки кои треба да обезбедат дека жените на листите се на позиции на кои реално можат да бидат избрани, но санкциите се уште не се сериозни. Листите што не ги исполнуваат правилата во Грција се поништуваат, додека во други земји, вклучувајќи ги Франција и Луксембург, нема казни за прекршување на правилата.
Старосна граница
Во речиси сите членки на Унијата право на глас се стекнува на 18 години. Само три земји се исклучок: Грција (17), Малта и Австрија (16 години).
Возрасната граница за кандидатура на изборите варира уште повеќе. Петнаест земји, меѓу кои Германија и Франција границата ја одредија на 18 години, 10 земји, меѓу кои Полска и Чешка, од 21 година. Во трите преостанати земји кандидатот мора да има 23 години (Романија) или 25 години (Италија и Грција).