Е сега, кои се тие суштински разлики што не прават толку различни, но и разделени, толку спротивставени во ставовите или, ако сакате, во убедувањата, демек тоооолку битни (не само) за македонскиот идентет, самобитност, самостојност и не знам што уште се приведува во контекстотот на ова (велат) битно (не велам дека не е) прашање, туку и генерално, или (и) идеолошки – ако слепцине воопшто и знаат што тоа значи – и во секоја друга смисла, вклучувајќи ја тука и културата, се разбира. Но, прво за првото: на пример, зошто некои, односно токму оние довчерашнине шупелки и сите нивни полуписмени „патриотски“ сателити, мислат дека се’ друго е побитно од културниот идентитет? Или, ако сакате, слично како кај нашиот „јужен сосед“ (што би рекла една ултранационално „освестена“ гласноговорничка на јавниот сервис која го меле истото речиси цела деценија и нема кој да ја сопре!), зошто и кај нас би било битно кој е македонец (антички или којзнае каков друг) по род, и зошто некои од нас толку сакаат да веруваат дека баш тие се оние вистинските Македонци, а другите – не се? Како што, впрочем, е случајот и кај другите етнички табори во оваа држава, кои се бројат и пребројуваат исклучиво на национална основа. И не само што така мислат за себеси, туку и на другите им го оспоруваат правото на тоа. Дали тоа прашање е прашање на избор, каде што секој од нас комотно, според сопствен ќеф, ќе си ги открива (или попрво – мистифицира!) претците и ќе тврди дека токму тој – и баш само тој – е вистинскиот Македонец, ама не и сите ние со него? Или ќе си ги преиспитуваме корените преку дедовците и бабите, и прадедовците и прабабите (што пак не е многу упатно заради редица историски причини, со многу дискутабилен резултат)? Видете, јас немам проблем дури и тоа да го правиме, ама не сум сигурен каде ќе стигнеме. Зашто, да беше тоа валиден научен метод, или инструмент, зарем немаше да го примени она малоно глупо фирерче? Ама, како ќе го оправдаше тоа што целата македонска јавност имаше прилика да го види како негова (соседно) семејна „јужнососедна“ предисторија?
Затоа, таквите националистички и во основа шовинистички предистории на овие простори мора да се остават закопани инаку, да простите, сите сме наебале! Никој од нас не знае кои и какви навистина му се (ин)директните корени / предци, кои и какви припадници на слните војски што минувале низ овие простори замешале некој прст кај неговите претци. Дури и оние меѓу нас кои се колнат во некакви непогрешливи национални изртувања директно од најчистата македонштина тоа можат да го направат максимум до некои стотина години наназад, па и тие „втемелени“ на некакви турски (да не речам алваџиски) дефтери, или врз основа на муабети од баби и прабаби, дедовци и слични „…овци“ кои, нормално, имаат историска обврска семејната лоза да ја претстават во најдоброто можно национално светло! Нам, денес и овде, тие приказни ама баш воопшто не ни се потребни. Културниот идентитет сепак не се докажува со (лажни) наследства. Културниот идентитет денес повеќе се покажува отколку што се докажува, иако често и тоа погрешно го толкуваме и мислиме дека покажувањето на припадноста кон одредена (културна) група е основното мерило за идентитетот. Или – удирањето в гради дека сме тоа што (мислиме дека) сме! Токму таквите (у)мисли не доведоа ваму каде што сме.
Затоа, ако културата – никако случајно избрана како клучен сегмент дури и во идентитеските прашања – не ослободи од наводно историската обврска да размислуваме само во рамките на вековните идентитетски прашања, зашто всушност тие, на овие простори, се прилично дискутабилни, и не’ ориентира да се бавиме со современите културни и уметнички дострели, тогаш сме постигнале голем напредок. Македонија, или како и да посака некој да ја вика утре или задутре, нема голема полза од докажувањето што била, туку – што е. Денес, и што сака да биде утре! Минатото, дури и најдалечното, па нека е и Тумба Маџари или Говрлево, маските од Требениште или тетовската Менада, па и Курбиново или Нерези (иако мои омилени!), не говорат за национални туку за културни и творечки идентитети и се сепак само дел од историјата. Не мислам дека не треба да се бориме за националната историја – иако најчесто различно ја толкуваме – ама мислам дека попорво треба да се избориме за нашата (европска) сегашност. А таа е – ова што го имаме денес, како квантитет од кој што треба, ако може, да се испили некаков квалитет како творештво што треба да го пласираме во современиот свет, како културен / уметнички производ што веќе денес, а особено утре, ќе не’ легитимира и пред светската културна заедница. Зашто нашето минато, поблиско или подалечно – Требениште, Говрлево, Нерези итн., – е веќе валоризирано, повеќе или помалку, на еден или на друг начин. Не како национално, зашто такво не било односно не можело да биде, туку како дел од светското културно наследство со кое што се гордееме. Но, што имаме да покажеме денес како врвна културна и уметничка вредност? Денес и последниве десетина, дваесет години?! Кога последен пат во изминатава деценија сте виделе сериозно конципирано уметничко дело, или изложба, на пример; или музејска поставка, а да не е претоварена со партиска и друга фалшива историја; или театарска претстава за која што ќе се говори (па нека е и во кафеаните!) подолго од пет минути; или просечно добро филмско остварување (нешто налик на оние современине романски, на пример, каде реалноста ве удира директно в лице; и да, го имам предвид „Исцелител“, токму како одлично ползување на таа формула!), итн.? Како може безмалу целата култура да биде ориентирана главно на минливо-менливи блуткави политикантски и националистички теми, но не и дилеми; на ситнопрофитерски „проекти“ кои уште на стартот го бројат само ќарот но не и создаденото; на бомбастични но плиткоумни и најчесто тотално неаргументирани „културни“ расправи или на квазиисториски конгреси и семинари што ја величаат „славната“ ни античка историја? Како може современиот македонски творец комотно да плови низ рифеншталските води и да мисли дека создава уметност? А сето тоа да се финансира со пари на даночните обврзници?
Оттука, современиот македонски културен миг навистина еманира „опасни ситуации“ (што би рекол Таки Фити како претседател на МАНУ), ама не таму каде што ги бара тој или неговите изматуфени ко-мануковци од кои, буквално со децени, трпиме само штета дебело платена со народни пари. Ама тие ситуации не се решаваат со националистички или шовинистички пристап кон националното тоест идентитетското прашање, уште помалку со барањето „чисти македонци“ – што дефинитивно е оксиморон, како впрочем и „грци по род“ и слични будалаштини – туку со „потрага“ по современ културен и творечки „идентитет“, со безвременска уметност и врвен културен производ што едновремено ќе зрачат и ќе брендираат европски височини! И тоа важи не само за „македонците“, туку и за сите други кои со парите на даночните обврзници продаваат националистички етнички пуфки кои што немаат ама баш никаква врска ни со културата, уште помалку со уметноста, а најмалку со идентитетот или европскиот дух.
извор: Теодосиевски уметност