Разговор со Мицкоски за економијата

Вие Мицкоски, а не народот, мисли дека Заев е криминалец, неспособен и владее со страв, а Вашата вистина не ја споделува целата јавност, таа е само Ваша вистина!

3275

Повод за оваа колумна ми дадоа две работи, првата, кога Мицкоски зборуваше за економијата во интервјуто со Чомовски на ТВ Телма од 3 април 2018 година и неговата реакција на фејсбук профилот на интервјуто на премиерот Зоран Заев дадено за МИА.

Прво ќе почнам со интервјуто со Чомовски, при што одговорите на Мицкоски на прашањата само од областа на економијата ќе ги дадам парафразирано со мои коментари. За минималната плата. Тој вели дека вештачки е покачена минималната плата а не ја зголемија продуктивноста, за прв пат применето во теоријата и праксата во светот бидејќи гледаме дека бруто домашниот производ е нула, економијата е нула, не се зголеми… Мој коментар: Минималната плата, како долна граница, се утврдува со закон за да поттикне зголемување на платите кај сите останати вработени во земјата, па таа нема никаква поврзаност со зголемување на продуктивноста што е работа на бизнисот а не на Владата. Во сите земји постои регулатива за минимална плата, на пример во Америка таа изнесува 10 долари за 1 час, исто или приближно и во Германија и тн. Исто минималната плата нема ама баш никаква врска со зголемување на економијата и бруто националниот доход, таа има долгорочни последици како една од економските политики на секоја влада било каде во светот.

Образложувајќи ги економските моменти за влез на опозицијата во Собранието, Мицкоски напомена дека во првите два месеци од годината приходите во буџетот биле зголемени за 30 милиони евра по основ на персоналниот данок на доход и акцизата (поради нејзиното зголемување), па заклучува во негов стил, цитираме: „ кога од овие 30 милиони евра се одземе 5 милиони евра кои што се нето данок на добивка кои што ги акумулира буџетот ќе видите дека населението не троши, куповната моќ на населението е намалена, немате пари во економијата, ликвидноста е доведена во прашање. Тоа е првата теза.„ Мој коментар: Конфузна мисла; прво, не постои економски термин нето данок на добивка што ги акумулира буџетот; второ, куповната моќ на населението е поврзана со примањата на населението од плати и други приходи и нема поврзаност со овој контекст на мислата; трето, исто ликвидноста на буџетот е поврзана со приходите и обврските што треба да се плаќаат, па во случајот кога приходите во буџетот биле зголемени тоа значи и подобра ликвидност!
Кога Чомовски кажа дека ликвидноста не е намалена кога државата редовно го враќа ДДВ-то за разлика од претходната влада и дека банките се полни со пари, Мицкоски ќе одговори: „Јас зборувам со бројки а не со чувства. Ако зборуваме со чувства јас ќе ви наведам дека денес имав најмалку 10 состаноци од кои 5 беа со сериозни бизнисмени кои што солзи ронат крокодилски околу оваа ваша теза. Јас не зборам на чувства јас зборувам со бројки. Еве 25 милиони плус 30 милиони собрале ваму минус 5…„ Мој коментар: Зборувате со бројки не со чувства, јас ништо не разбирам! Што Ви значи – 25 милиони плус 30 милиони собрале ваму минус 5!!!

Понатаму Мицкоски одговара. Втора теза, оваа година во првите два месеци во однос на лани дефицитот во буџетот бил 55 милиони евра исто колку лани 60 милиони, а капиталните расходи ова година биле околу 16 милиони евра а лани тие биле 2,8 милијарди денари или за три пати повеќе… Да ја коментираме втората теза на Мицкоски. Дефицитот не е поврзан со капиталните расходи, на што се повикува Мицкоски. Со буџетот за 2018 година планиран е дефицит во буџетот во висина на 2,9 отсто од БНД односно 295 милиони евра за да ги покрие расходите во износ од 3,4 милијарди евра кои не се покриват од планираните приходи во буџетот во износ од 3,1 милијарди евра. Всушност дефицитот се покрива со нови кредити било од земјата или странство а служи за покривање на „дупки“ во буџетот што се троши на било кои расходни позиции (не мора само за капитални расходи).

Трета теза, задолжувањето. Од почетокот на годината до сега Владата се задолжила со нешто повеќе од 550 милиони евра, од кои половина (276 милиони евра) вратиле кредити а остатокот другата половина стои во Народна банка со 0 камата, за кое некој треба да одговара! Ја задолжиле државата со нето кредит од 300 милиони евра а економскиот раст е 0, нула!

Мој коментар за задолжувањето: Лидерот на ДПМНЕ Мицкоски заборава дека во 11 годишното владеење, владата на Никола Груевски ја задолжи Македонија со нови 3 милијарди евра, со тоа што затечениот долг во 2006 година од 1,5 милијарда евра го зголеми на 4,7 милијарди евра во 2017 година што претставува 47 отсто од бруто националниот доход (БНД), што за балкански услови Македонија стана скоро високо задолжена земја (скоро 50 отсто од БНД). Мицкоски заборава дека владата на ДПМНЕ остави „мираз„ Македонија да враќа нивни долг од околу 360 до 400 милиони евра на годишно ниво! Новата влада на Заев затечениот долг оставен во мираз од владата на Груевски ќе го враќа само со ново задолжување, Македонската економија е толку слаба што нема средства за враќање на старите долгови освен со ново задолжувања!

Исто, Владата обелодени дека од најавените во буџетот 662 милиони евра задолжување во 2018 година, позајмените 500 милиони евра ќе се користат за покривање на дефицитот во буџетот од 295 милиони евра и враќање на стари долгови (отплата и камата) од 367,9 милиони евра па се очекува дека до крајот на годината владата уште ќе се позајми до разликата предвидена со буџетот.

Во одговор на речиси секојдневните напади од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека во Владата има „многу политика, а малку економија“, дека земјата е изложена на „економско цунами“, „на депресија и на нови задолжувања“, премиерот Заев во неделното интервју за МИА му порача на Мицкоски кога зборува за економијата не се снаоѓа најдобро па за овие прашања може да им држи лекција на Мицкоски и опозицијата до сабајле како економист.

Мицкоски не му остана должен и во одговор на оваа порака, на својот фејсбук профил, му порачува дека Заев дели лекции за економија, но не разбира дека рибата не само што мириса од главата, или опашката како што милува Заев да каже, туку мириса цела. Мој коментар: ако рибата мириса цела нема да ја јадеме, ќе јадеме месо и така после Велигден се мрси.

Понатаму му кажува на Заев дека народот ја гледа и чувствува неговата лекција полна со криминал, бизнис по теркот евро за Вицето, евро за црквата… неспособност, незнаење, владеење со страв и сега тој како професор со повеќегодишно искуство ќе му ја кажал неговата вистина, онаа вистинската која ја споделува целата јавност… економијата тоне, а народот е осиромашен. Мој коментар: Вие Мицкоски, а не народот, мисли дека Заев е криминалец, неспособен и владее со страв, а Вашата вистина не ја споделува целата јавност, таа е само Ваша вистина! Да се каже само дека економијата тоне, дека народот е осиромашен потребни се длабоки финансиски анализи поткрепени со бројки и податоци, а вака делува само како Ваше оцрнување на Заев без аргументи и факти. И немојте да се криете зад народот, ве охрабрувам да делувате од лично име како индивидуа и храбар човек, така ќе добиете симпатии…

Околу задолжувањата што ги споменувате претходно Ви одговорив. Што се однесува дека економијата тоне, дека се случило „економско цунами„ на кратко тоа ќе го коментирам. За 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија БНД растеше со просечна стапка од 2 – 3 отсто на годишно ниво, па БНД порасна од околу 7-8 милијарди евра во 2006 година на околу 9-10 милијарди евра во 2017 година, односно за цели 11 години пораснал за вкупно скоро 3 милијарди евра. Да Ве потсетам, во една моја колумна напишав, нека биде Груевски диктатор како Ердоган, но нека го зголеми БНД како Турција која за 13 години владеење на Ердоган три пати го зголеми БНД. Ваквата состојба не е многу за фалење, не заборавајте дека оставивте пустош во економијата па потребно е прво да се стабилизира економијата и постепено да се развива. Тоа сигурно не може да се направи во првите 10 месеци владеење на новата влада… треба време.

Вие и’ замерувате на новата влада дека немала капитални инвестиции, а Вашата влада имала многу реализирани објекти. Ова Ваше тврдење не е точно и еве зошто. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за 11 годишно владеење не ги изгради капиталните објекти што беа во Вашата програма и тоа: хидроцентралите Чебрен и Галиште, гасификацијата на Македонија, железничката пруга Куманово – Деве Баир, реконструкцијата на ТЕЦ Неготино, а Вашите проекти од „Скопје 2014“ во барок згради, барок фасади, споменици, фискултурни сали, селски чешми и сл. не се капитални инвестиции, тоа се фрлени пари во бунар. Ако во 2012 година не ги почнавте автопатите Демир Капија – Смоквице, Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид кои уште се во градба, ќе останевте само со 7 км. автопат Куманово – Табановце, а тоа е голема нула, како што Вие сакате да се изразувате! А што се однесува до намалување на невработеноста, која сте ја намалиле од 36 отсто на 26 отсто се должи на иселување на околу 400 илјади младите луѓе од земјата кои не се пријавуваа како невработени; тоа треба да го знаете и да не се фалите!

На крајот сакам да Ве потсетам г-дин Мицкоски дека не треба да споредувате 10 месеци владеење на владата на Зоран Заев со 11 годишно владеење на владата на Никола Груевски, не може да се споредува. Треба да се почека да измине соодветен период за да се види во која насока оди новата влада, а Вие сте нестрпливи па Вашите „резултати„ (што ги нема!) остварени за 11 години владеење ги компарирате со 10 месечно владеење на новата влада и од неа барате 30.000 просечна плата, 16.000 минимална плата, 100.000 плата за лекарите и тн. и тн.
Што се однесува до лекцијата по економија што Ви ја нуди Заев, мислам да ја прифатете. Кога се работи за економијата Вие слабо владеете со бројки, подобро користете ги чувствата барем ќе бидете природни! Бројките користете ги во математиката, како егзактна наука, која и онака е Ваш фах! А доколку Заев Ви бара пари за лекцијата по економија, Вие понудете му лекција по математика и направите компензација… така и двајцата ќе имате корист …

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...